Пред да изберете миленик, одговорете на шест прашања

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (35)

  • Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, за да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.

Сите прашуваат кое куче да го земат. Малкумина прво прашуваат дали воопшто треба да земат куче. Уште поретко некој се прашува: што ми треба, зошто го сакам, како ќе се грижам за него, каде ќе живее, колку ќе ме чини и кој ќе се грижи за него кога јас не можам?
Од моето искуство, токму тука почнува одговорното сопствеништво. Како магистер по науки за животната средина и екологијата на „Сорбона“ – Париз и како човек што професионално работи со животни, сметам дека односот кон животното не започнува кога ќе го донесеме дома, туку со одлуката дали нашиот живот воопшто одговара на неговиот. Во Франција, каде што живеев и работев повеќе од 20 години, ми остави впечаток сериозноста на пристапот кон животните. Тие не се само нешто што го сакаме туку живи суштества за кои преземаме долгорочна одговорност. Францускиот систем затоа воведе и задолжителен сертификат за посветеност и познавање за одредени миленици, со период на размислување пред стекнувањето. Идејата е едноставна: помалку импулсивни набавки, помалку последователни напуштања. Кај нас често почнуваме од фотографијата: „Види го кученцево!“, „Колку е слатко!“, „Детето ќе полуди од среќа!“, „Ќе го чуваме во двор!“ И тука завршува размислувањето. А треба да почне.
Што? Куче, мачка, папагал, зајак, риба, рептил? Кај нас кучето сè уште е прв, а понекогаш и единствен избор кога ќе се каже „миленик“. Во развиениот свет сликата е поширока. Милениците не се само кучиња и мачки. И можеби токму затоа треба да престанеме секоја детска желба за животно автоматски да ја претвораме во куче. Секој вид има различни потреби, но сите можат да ни дадат интеракција, приврзаност и чувство дека се грижиме за едно невино живо суштество. Тоа чувство на грижа и милост е една од највредните нешта што ги добиваме од односот со животните.
Дури и кога изборот е куче, возраста, големината, темпераментот, енергијата и потребата од нега прават огромна разлика. Не постои „најдобар миленик“. Постои миленик чии потреби одговараат или не одговараат на нашиот живот.
Зошто? За детето? За друштво? За прошетки? Затоа што сме осамени? Затоа што соседот има прекрасен миленик? Нема погрешен одговор, но има погрешна претстава. Кучето не е играчка, подарок што се враќа кога ќе помине интересот или решение за осаменост. Миленикот ни носи радост и емоционална врска, но неговите потреби остануваат и кога ќе исчезне почетната еуфорија.

Фото: Пиксабеј

Како? Како ќе изгледа еден обичен вторник во ноември? Кој ќе го нахрани, кој ќе го прошета, кој ќе го исчисти и кој ќе го однесе на ветеринар? Кој ќе плати за храната, негата, грумингот, превенцијата? Кој ќе го чува кога ќе одиме на одмор? Ова се прашањата што најчесто ги поставуваме откако ќе се појави проблемот. Треба да ги поставиме пред животното да дојде дома. Токму затоа е потребна едукација пред изборот, а не само совети откако веќе ќе станеме сопственици. Тоа е и една од причините за која го создадовме центарот за едукација на одговорни сопственици на миленици „Мило.мк“.
Едно сериозно данско истражување, врз податоци од 1996 до 2017 година, покажало дека кај кучињата и мачките 75 отсто од причините за предавање во засолниште биле поврзани со ситуацијата на сопственикот, а не директно со животното. Недостигот од време, проблемите со домувањето и здравјето на сопственикот биле меѓу причините. Заклучокот е важен: превенцијата мора да почне кај сопственикот, со реални очекувања и знаење.
Каде? Во стан, куќа, двор? Колку простор има и колку време ќе биде само? Дали сме под кирија? А каде ќе бидеме за пет години? Животот се менува: работа, преселба, дете, финансии. Животното не може да каже дека ќе се приспособи на новата ситуација. Колку? Не колку чини животното, туку колку чини животот со него. Храна, опрема, превенција, вакцинации, заштита од паразити, груминг, обука, чување и непланирани трошоци. Мојата реална процена е дека едно куче во Македонија, зависно од големината, здравјето и начинот на грижа, може да чини околу 15.000 евра во текот на својот живот. Тоа не е официјална национална статистика, туку реална ориентација. Во странство процените исто така покажуваат дека доживотниот трошок може да достигне десетици илјади евра, без сериозни непредвидени ветеринарни трошоци. И конечно – кој? Кој ќе биде сопственикот? Ова е особено важно кога детето бара миленик. Детето може да учествува, да учи и да создаде прекрасна врска со животното, но возрасниот ја носи конечната одговорност. Детето денес сака куче, утре фудбал, музика, факултет, менува симпатии и друштва или можеби ќе замине од дома. Миленикот останува.
Затоа моето мислење е едноставно: пред да избереме миленик, треба прво да избереме одговорност. Не кое животно најмногу ни се допаѓа, туку на кое можеме реално да му го обезбедиме животот што му треба. Што? Зошто? Како? Каде? Колку? Кој? Шест прашања пред една голема одлука. Зашто најодговорното прашање не е „кое да го земам?“, туку „дали сум подготвен за него?“ Ако одговорот е да, тогаш започнува изборот. Ако не е, можеби најдобриот избор е да почекаме. И тоа е одговорно сопствеништво. А токму таму е и идејата на центарот за едукација на одговорни сопственици на миленици „Мило.мк“: прво да научиме што значи да избереме, а потоа да одлучиме кого ќе внесеме во нашиот дом.

Илија Петковски