До крајот на годината не се очекува ревидирање на стапката на раст и промени во буџеткиот дефицит. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека состојбите се следат и дека буџетскиот дефицит, растот на БДП и задолжувањата ќе се одвиваат во согласност со проектираното во ребалансот на буџетот.
– До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме, особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3 проценти. Владата во изминатите две години многу посветено и напорно работеше на економијата и мислам дека сето тоа сега дава на некој начин резулати. И во однос на буџетскиот дефицит, она што ни е проектирано, тоа ќе остане, без оглед на тоа дали ние ќе правиме ребаланс или нема да правиме ребаланс. Доколку се одлучиме и правиме ребаланс на буџетот, во исто време ќе работиме на кратење и на приходната и на расходната страна. Доколку останеме на истата состојба како сега, повторно кажувам дека дефицитот нема да оди надвор од предвиденото, во исто време и задолжувањето, бидејќи и тоа е дел од ребалансот, кој поминал во Собранието и тоа, да кажеме, се некои рамки во кои Министерството за финансии мора да се движи – истакна министерката за финансии во интервју за Македонската телевизија во Њујорк.
Потенцира дека будно се следат состојбите и дека се реагира во согласност со случувањата на глобално ниво.
– Ги следиме состојбите и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Ние во Министерството за финансии минатата недела имавме состанок со Управата за јавни приходи и Царинската управа во насока на тоа да видиме кои се нашите очекувања во согласност со состојбите, какви се очекувањата до крајот на годината, како се полни буџетот и она што може заеднички да го кажеме – тој е во рамките на планиранот, освен кај акцизата поради мерките – наведе министерката.
Министерката, која во Њујорк учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамките на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ (Sustainable Development Impact Meetings 2026) на Светскиот економски форум, посочи дека мерките што се преземени како одговор на кризата се соодветни и дека имаат влијание на буџетот.
– Она што е очигледно е дека најмногу имаме влијание кај акцизата и таму се и мерките најголем период фокусирани, но, од друга страна, може да потвдиме дека Македонија е една од земјите што навистина има највисока стапка на раст и најстабилна и една од пониските инфалции, што јасно покажува дека мерките биле навистина насочени таму каде што треба. Морам да кажам дека во текот на целата дискусија постојано провејуваше фактот дека ние треба да се фокусираме на долгорочен раст, кој се заснова на продуктивност. За да имате добра продуктивност, во исто време треба да имате што е можно поевтини параметри или суровини. На некој начин и енергетските суровини се тие што треба да одржат пониски цени за да имаме поголема конкуретност, така што би рекла дека сме во добра насока, но неизвесноста останува и натаму, а ќе се приспоосбуваме во согласност со состојбите на светско ниво бидејќи тоа не зависи од нас – изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
































