Фото: Песков/принтскрин

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека сè уште не се исполнети потребните предуслови за отпочнување мировни преговори меѓу Москва и Киев, нагласувајќи дека руската страна сепак останува отворена за дијалог, пренесува РИА новости.

Коментирајќи ги иницијативите за енергетско примирје упатени од американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Песков посочи дека процесот го кочат понатамошната милитаризација на Украина и дејствијата на нејзините сојузници.

– Милитаризацијата на Украина продолжува, а европските земји се обидуваат да обезбедат дополнителни финансиски средства за нејзино вооружување. Во исто време, киевскиот режим ги продолжува своите терористички активности – изјави Песков за време на редовниот брифинг со новинарите.

Во однос на можноста за директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Зеленски, Песков подвлече дека официјалниот став на Москва останува непроменет. Тој потсети на изјавата на Путин дека Зеленски е добредојден во Москва доколку сака разговори и дека ќе му бидат гарантирани сите безбедносни протоколи, но нагласи дека за таков чекор е потребна претходна подготовка.

– Секоја средба на највисоко ниво што би се одржала пред да се заврши потребната работа на експертско ниво во овој момент би била само губење време – заклучи портпаролот на Кремљ.