Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека украинското раководство се обидува да ги спречи изборите во Русија и оцени дека на властите во Киев им е потребна војната за да останат на власт. Тој истовремено обвини дека европските лидери ги користат Украинците како „топовско месо“.
Путин оцени дека режимот во Украина одамна се претворил во диктатура, а обидите на Западот да го претстави, како што го нарече, корумпираниот режим како заштитник на демократијата ги оцени како чудни.
– Украинското раководство не брза да одржи избори, како што е познато, тие дури сакаат да ги попречат нашите избори – рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
Според него, на властите во Киев им е потребна војната за да останат на власт.
Путин истакна дека украинското раководство предлага наводно обновување на преговорите, но со своите активности прави сè за да спречи нивно одржување и постигнување мир.
– Невозможно е да се заплаши Русија, тоа е очигледно за сите – рече тој.
Рускиот претседател истакна дека европските лидери ги користат Украинците како „топовско месо“.
– НАТО се шири и напредува, влегувајќи во различни региони во светот. Европејците го користат изговорот за наводната руска закана за да ги прикријат сопствените грешки во економската политика – истакна Путин.
Во исто време, рускиот претседател предупреди дека надворешните закани за Русија нема да се намалат.
– Русија е подготвена за соработка и обновување на односите со Европа. Ајде едноставно да живееме во хармонија. Во спротивно, и Москва ќе мора да одговори – рече тој.
Путин повтори дека Русија нема агресивни намери кон Европа и посочи дека Европејците на изборите јасно покажуваат дека не сакаат војна со Русија.
































