Неколку лица се уапсени во Хаг по избувнувањето немири за време на протестот во поддршка на поранешните лидери на ОВК, кои денеска беа осудени од Специјализираните совети на Косово.
Голем број демонстранти се собраа на градскиот парк Малијевелд во Хаг, каде што ја изразија поддршката за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи. По објавувањето на пресудите, дел од демонстрантите започнале да фрлаат предмети кон полицијата, а некои се качиле и на полициско возило, објавуваат холандски медиуми.
Полицијата употребила палки и бибер-спреј, а интервентни единици биле распоредени за да го спречат движењето на демонстрантите кон други делови од градот. Според извештаите, биле употребени и водени топови.
Протестот следуваше по изрекувањето на првостепените пресуди во процесот против четворицата поранешни високи функционери на ОВК. Специјализираните совети на Косово ги осудија Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи на вкупно 81 година затвор.
Тачи е осуден на 25 години затвор, Красниќи на 25 години, Весељи на 18 години, а Сељими на 13 години. Според пресудата, тие се прогласени за виновни за воени злосторства, меѓу кои убиства, тортура, сурово постапување и незаконско или произволно притворање.
Процесот пред Специјализираните совети траеше повеќе од три години, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година. Во текот на судењето сведочеле 134 сведоци.
Пресудата е првостепена, што значи дека страните имаат можност да поднесат жалба.

































