Со вкрстено испитување на вештото лице од страна на Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
На прашања од обвинителството, д-р Владимир Даниловски одговараше за клиничките параметри врз кои се темелел наодот и мислењето за конкретните пациенти, како и за влијанието на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од терапијата.
Даниловски потврди дека во основниот и дополнителниот наод и мислење било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки.
Како параметри за оценување на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман, вештото лице ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија на болеста, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот.
На прашањето кои од овие параметри биле применети при оценувањето на третманот кај конкретните пациенти, Даниловски остана на наодите и мислењата содржани во вештачењето.
Одбраната приговори на дел од прашањата, со образложение дека кај одделните пациенти вештото лице не правело споредба меѓу различни третмани за да утврди кој бил подобар или полош. Судот не ги прифати приговорите, оценувајќи дека прашањата се поврзани со наодите и мислењата за конкретните пациенти и нивното лекување.
Судијката Снежана Марковска претходно прифати приговор на бранителот на првообвинетиот Никола Васев, адвокатот Дељо Кадиев, за долго и нејасно поставено прашање.
Таа посочи дека вкрстеното испитување треба да се одвива постепено, со конкретни прашања и конкретни одговори, особено кога се проверуваат исказот и стручноста на вештото лице.
Одбраната бара појаснување за документацијата од Словенија
На рочиштето одбраната го отвори и прашањето за медицинската документација доставена до словенечките вештаци.
Адвокатот Кадиев побара Обвинителството да се произнесе дали постојат преводи на документацијата од македонски на словенечки јазик и дали на вештаците им биле доставени целосните истории на болеста или само делумен, односно селектиран материјал.
Кадиев посочи дека на 2 септември поднел барање до судот Обвинителството да ги достави преводите, а претходно директно се обратил и до Јавното обвинителство.
Тој изрази сомнеж дали целокупните истории на болеста биле доставени на вештачење или бил доставен само дел од документацијата, наведувајќи дека одбраната при увидот констатирала дека бил вештачен мал дел од историите и за пократки временски периоди.
Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева одговори дека целокупната медицинска документација која се наоѓа во судскиот предмет била испратена на вештачење во Словенија.
„Сите истории на болеста со сите списи што се внатре, коишто се доставени како доказ во судот и коишто се прилог на обвинителниот акт, се доставени до вештото лице во Словенија“, истакна Ѓорѓева.
Судијката Марковска појасни дека меѓународната правна помош во кривични предмети со Словенија се спроведува преку Министерството за правда и дека, согласно меѓудржавниот договор, писмената се доставуваат на јазикот на државата молител.
Одбиено барањето за изземање на техничкиот советник
На почетокот на рочиштето судот го одби барањето на Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески.
Судијката Марковска образложи дека судот претходно го прифатил неговото учество како технички советник, тој бил испитан во однос на сите пациенти опфатени со обвинението, а како доказ биле изведени и техничките извештаи што ги изготвил.
Судот наведе дека наводите на одбраната во однос на неговото учество и стручната помош што му ја давал на обвинителството ќе бидат ценети при донесувањето на одлуката за главната работа.
Против ова решение не е дозволена посебна жалба.
Во предметот се обвинети Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни.
Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.
































