Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја покани Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија, предлагајќи нов облик на поврзување што не би значел полноправно членство во Унијата.
– Сакам да соработувам со вас за да ја отвориме вратата Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија – му порача Фон дер Лајен на канадскиот премиер Марк Карни, кој присуствуваше на нејзиниот говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур.
Таа нагласи дека ЕУ сака да ги подигне односите со Канада „на највисокото можно ниво“ и дека двете страни мора итно да го редефинираат своето партнерство.
Предложениот статус на придружна членка во моментов не постои во договорите на ЕУ, а Фон дер Лајен не соопшти што конкретно би опфаќал. Деталите треба да бидат утврдени во разговорите меѓу Брисел и Отава.
Според „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“, новото партнерство би можело да опфати подлабока соработка во одбраната, енергетиката, новите технологии, вештачката интелигенција, критичните суровини и развојот на Арктикот. Канада и ЕУ веќе имаат договор за слободна трговија, познат како СЕТА (CETA), а Отава неодамна се вклучи и во европската програма за финансирање на одбраната.
Фон дер Лајен ја опиша Канада како земја што ги споделува европските демократски вредности и оцени дека продлабочувањето на односите претставува „сојуз за иднината“ во свет во кој демократиите мора да градат нови глобални коалиции.
Пред неколку дена Карни изјави дека Канада не сака да стане полноправна членка на ЕУ, туку да воспостави „единствен сојуз“ со Унијата.
– Не бараме членство во Европската Унија. Бараме, и ќе почнеме да разговараме за тоа, единствен сојуз меѓу Канада и Европската Унија. Ги споделуваме истите вредности и приоритети, а нашите силни страни се многу комплементарни – рече Карни.
Канадскиот премиер утре треба да им се обрати на европратениците во Стразбур.
Иницијативата доаѓа во период на влошени трговски односи меѓу Канада и САД. Карни настојува да ја намали зависноста на канадската економија од американскиот пазар и да ги продлабочи економските и безбедносните врски со Европа.
Во говорот на Светскиот економски форум во Давос на почетокот на годинава, Карни предупреди дека светот не минува низ постепена транзиција, туку низ „ненадеен прекин“, порачувајќи дека средните сили мора да се здружат за да бидат „на масата, а не на менито“.































