Дванаесетгодишниот Македон Димитровски е примен во престижната Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, со седиште во Балтимор, Мериленд. Станува збор за програма наменета за ученици со исклучителни академски способности од САД и од целиот свет, објави неговиот татко на Фејсбук.
Според неговиот татко, Владимир Димитровски, по тестирањето Македон го добил и признанието „Grand Honors/SET“, кое се доделува за исклучително високи резултати во математиката и вербалните способности.
SET (Study of Exceptional Talent) е програма на „Џонс Хопкинс“ наменета за ученици кои на стандардизираните тестирања постигнуваат резултати значително над очекуваното за нивната возраст.
Особено впечатлив е податокот дека Македон на само 11 години постигнал 1.440 поени на SAT-тестот – 740 поени по математика и 700 поени во делот за читање и пишување.
Зад овие резултати стои и долгогодишна посветеност на математиката. Македон досега има освоено повеќе од 20 златни медали на меѓународни математички натпревари.
– Зад сите овие бројки и признанија стои едно нешто – огромна љубов кон знаењето – напиша неговиот татко Владимир Димитровски во објава на социјалните мрежи, изразувајќи гордост за успехот на својот син.
Од семејството велат дека ова е само почеток за младиот Македон, кој продолжува да учи, да сонува и да ги поместува сопствените граници.































