На 11 септември 2026 година бугарски лекари извршиле прегледи во државна амбуланта во Пустец. Секому му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз Македонците во Република Албанија, се вели во соопштението на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое го објавуваме интегрално:
„И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана изразува жалење што највисоките претставници на албанската држава и Општина Пустец дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица на штета на Македонците во Република Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. Притоа, цената на уцените од Софија врз политичкиот врв на нашата држава ја плаќа македонското национално малцинство.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз Македонците во Република Албанија.
Напомнуваме дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државјани доведува до асимилација на македонското национално малцинство во Република Албанија“.































