По повеќе од 10 години, конечно, Македонија доби ажурирана листа на есенцијални лекови, кои мора да им бидат достапни на здравствените работници во третманот на пациентите. Систематизирана во 28 терапевски области, дефинирана во подгрупи, оваа обновена листа нуди и 193 нови лека.
Листата, која содржи вкупно 372 лека, има и јасни патокази во смисла што треба да се направи доколку одреден лек не е достапен и која е неговата адекватна замена. Новина е и тоа што антибиотиците се поделени на три подгрупи, воведени се нови терапевтски области, како мултиплекс склероза, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ, хепатитис Б и Ц, онколошки терапии…
– Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација има направено неколку поголеми промени на својата листа. Во основа, потребата за ажурирање на оваа есенцијална листа е заснована од ажурирањето на есенцијалната листа на Светската здравствена организација. Оваа есенцијална листа е донесена низ еден многу партиципативен процес преку Националната платформа за лекови, која ги вклучи институциите, стручната јавност и пациентските организации – рече министерот за здравство Сашо Клековски на денешната промоција на есенцијалната листа на лекови.
Според Клековски, важно е и тоа што со оваа листа се внимава и на превенцијата. Така, на пример, првпат се воведува заменска терапија за никотин, што, според министерот, треба да поттикне да се размислува превентивно на ракот на белите дробови.
Клековски со порака да не се чека 11 години за следното ажурирање на листата.
– Да не чекаме нови 11 години за ажурирање, да го воспоставиме механизмот за редовни ажурирања на оваа листа. Ажурирањата не се неопходни секои 6 или 12 месеци, меѓутоа мора да го следат ритамот на поголеми промени во Светската здравствена организација, па кога ќе се случи позначајна промена во есенцијалната листа на Светската здравствена организација, таа да биде применета и во националната регулатива во Македонија – нагласи Клековски.
И првиот човек на Светската здравствена организација во земјата, доктор Акеем Али, со порака дека институционализирањето на редовното ажурирање на листата преку новиот Закон за лековите ќе биде од клучно значење за да се обезбедат нејзината континуирана релевантност, одговорност кон потребите и довербата на јавноста.
– Светската здравствена организација останува посветен партнер на Северна Македонија во зајакнување на унапредувањето, подобрувањето на пристапот до лекови и унапредување на клучните системски реформи. Ова ја вклучува и тековната поддршка за Законот за здравствената заштита, со цел да се обезбеди кохерентна, современа и ориентирана кон идната регулаторна рамка – рече претставникот на СЗО во земјата.
































