Фото: Пиксабеј

ФИС

Советот на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) се состана во Тун (Швајцарија) на дводневна редовна седница и стратешка работилница. Членовите на Советот разговараа за клучни стратешки и спортски прашања, вклучувајќи ги структурата на управување на ФИС, финансиската состојба и долгорочните приоритети, и одобрија голем број важни одлуки, пишува ФИС.
Така, на пример, откако беше презентирана прелиминарна студија за изводливост фокусирана на спортската вредност, процената на календарот и на потенцијалот за комерцијални и медиумски права, Советот на ФИС се согласи на концептот за зголемување на фреквенцијата на светските првенства, така што тие ќе се организираат не само на секои две години во непарни години туку и во парни неолимписки години, кога на програмата нема зимски олимписки игри (ЗОИ), од 2032 година.
По добивањето детална процена, Советот на ФИС е отворен и за истражување на одржливоста на зголемувањето на фреквенцијата на светските првенства со издание веќе во 2028 година, пишува ФИС. Н.М.