Создавањето услови младите инженери својот ум, талент, желба и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината е стратешка цел од која зависат развојот и опстанокот на државата, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на свеченоста за доделување на признанието „Инженерски прстен 2026“ во Охрид.
– Мора да станеме свесни дека во време кога знаењето е најзначаен развоен ресурс, од односот на одговорните и на најповиканите кон најучените, најталентираните и најкомпетентните млади луѓе зависи просперитетот на нашата држава – рече Силјановска-Давкова.
Обраќајќи им се на најдобрите студенти во инженерските науки, претседателката истакна дека нивниот успех не е само индивидуално академско достигнување, туку и „непроценлив социјален капитал на државата“.
Според неа, од способноста и решеноста на државата навреме да ги препознае и вреднува младите таленти, како и да им овозможи професионално да се реализираат во земјата, зависат технолошката конкурентност, економскиот капацитет и развојот на државата.
– Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат нашата технолошка конкурентност и компетитивност, но и економскиот капацитет и развој на државата – рече претседателката.
Зборувајќи за значењето на инженерството, Силјановска-Давкова оцени дека инженерскиот ум е „еден од најсилните цивилизациски творци и двигатели“.
Таа посочи дека најголемите историски пресврти и општествени скокови не произлегуваат само од новите научни сознанија, туку и од способноста тие знаења да се преточат во конкретни решенија што го менуваат начинот на живот, производството и комуникацијата.
Претседателката ја истакна и улогата на македонската инженерска фела во афирмацијата на професијата и поврзувањето на академската заедница со инженерската практика.
– Наша обврска е да создаваме и да негуваме пријателски амбиент во кој тие ќе можат својата стручност и својот потенцијал да ги манифестираат и продуктивно да ги вложат во развојот на државата, порача таа.
Силјановска-Давкова нагласи дека задржувањето на најдобрите млади инженери и создавањето услови тие иднината да ја градат дома е суштинско прашање за економската конкурентност и долгорочниот развој на државата.
– Пред клучна дилема сме – да ги задржиме најдобрите или да ги загубиме. Од нашиот одговор ќе зависи иднината – порача претседателката.
На 23-то издание на „Инженерски прстен“, признанието им е доделено на 14 млади инженери кои со своите резултати за време на студирањето се издвоиле како најуспешни претставници на своите генерации.
Претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, ги повика младите инженери да останат во земјата и своето знаење и талент да ги вложат во нејзиниот развој.
– Останете во земјата. Знаете дека сте ни потребни. Потребен ни е вашиот ум за да ги проектираме, изведеме и завршиме големите стратешки проекти што ќе ги дефинираат нашите следни десет години – рече Лепавцов.
Како приоритети ги посочи модерната инфраструктура, Коридорите 8 и 10, енергетските и водостопанските проекти, дигитализацијата и изградбата на современа дигитална инфраструктура.
– Вистинската независност не е само политички статус, таа се гради преку економска сила и технолошка самодржливост – нагласи Лепавцов, повикувајќи ги младите инженери да се вклучат во домашната индустрија, да предводат стартапи и да учествуваат во реализацијата на националните проекти.
Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош, истакна дека „Инженерскиот прстен“ не е само признание за досегашниот успех, туку и симбол на одговорноста и довербата што општеството им ја дава на инженерите.
– Дипломата повеќе не е крај на образованието, туку почеток на професионалното учење. Нашата задача е да создадеме услови инженерите постојано да се усовршуваат, да следат современи стандарди и технологии и да ја градат својата професионална кариера во нашата држава – рече Метикош.
Тој посочи дека посебно внимание треба да се посвети на младите инженери, на кои треба да им се овозможи да работат, напредуваат, преземаат одговорност и учествуваат во големи проекти.
– Ако сакаме современа држава, мора да имаме и современо инженерство – нагласи Метикош.































