Илија Петковски, основач на академијата „Мило.мк“
- Академијата не е класично училиште за дресура, ниту професионална академија за ветеринарни техничари или за негуватели и фризери за миленичиња (грумери). Таа е едукативен центар за луѓе. Ќе зборуваме за тоа како се избира миленик според видот, расата, полот, темпераментот и животниот стил на семејството, што значи одговорно сопствеништво, како правилно се одржува миленикот, за исхраната, хигиената, превентивната грижа, однесувањето и за безбедноста, вели Петковски
Во време кога љубовта кон милениците станува сè поголем дел од секојдневието, Скопје добива нов едукативен центар, кој ја претвора таа љубов во знаење и одговорност – академијата „Мило.мк“ на „Туту“. Овој проект е замислен како простор каде што граѓаните ќе научат дека сопствеништвото на миленик не е само радост туку и обврска што бара посветеност, емпатија и практична грижа. Академијата претставува нова заедница што ја обединува љубовта кон животните со образованието, создавајќи генерација сопственици што ќе ја разберат длабоката врска меѓу човекот и миленикот. Со својата програма, таа ветува да ја промени културата на сопствеништво во земјава и да ја збогати општествената свест за значењето на животните.
Кои беа главните мотиви за создавање на академијата и што сакате да постигнете?
– Главниот мотив е едноставен – премногу често миленикот го избираме според тоа колку ни е симпатичен, а премалку размислуваме дали сме подготвени за неговите реални потреби. Љубовта кон животните е прекрасна работа, но сама по себе не е доволна за одговорно сопствеништво. По 25 години работа со миленици, гледаме дека голем дел од проблемите не настануваат затоа што луѓето не ги сакаат своите животни, туку затоа што не знаат што навистина значи да се живее со нив. Најдраматичниот резултат на тоа незнаење се напуштените миленици на улица. Тоа е пораз на индивидуалецот што презел одговорност, но во моментот кога животното ќе биде напуштено, последиците веќе ги носи целата заедница. Затоа ја создадовме академијата „Мило.мк“ – да ја претвориме љубовта во знаење, а знаењето во одговорност. Но имаме и уште една важна цел, да го дефокусираме миленикот од кучето. Кучето е највидливиот миленик во нашето општество, но светот на милениците е многу поголем. Тука се папагалите, рибите, зајачињата и цела низа други животни. Во светот, пак, сè поголем тренд се таканаречените нови домашни миленици – змии, пајаци, инсекти, гуштери и други влечуги. Нивното омасовување е практично неизбежно. А ако не се подготвиме навреме, нивното напуштање може да биде уште поголем проблем за околината и екосистемите. Не можеме да очекуваме луѓето да чуваат животно само затоа што е модерно, а потоа да немаат знаење што да прават со него кога ќе сфатат дека не можат да го чуваат. Нашата цел е да создадеме генерација луѓе што пред да кажат „сакам миленик“ ќе знаат да кажат и „подготвен сум за неговите потреби“.
Какви активности, предавања и работилници ќе бидат дел од програмата и како ќе се разликува академијата од постојните иницијативи за миленици?
– Академијата не е класично училиште за дресура, ниту професионална академија за ветеринарни техничари или за негуватели и фризери за миленичиња (грумери). Таа е едукативен центар за луѓе. Ќе зборуваме за тоа како се избира миленик според видот, расата, полот, темпераментот и животниот стил на семејството, што значи одговорно сопствеништво, како правилно се одржува миленикот, за исхраната, хигиената, превентивната грижа, однесувањето и за безбедноста. Но програмата ќе оди и подалеку. Ќе има содржини за оние што веќе имаат миленик и сакаат нивното дете да биде повеќе вклучено во грижата. Многу родители се соочуваат со моментот кога детето ќе каже: „Сакам куче!“ и едноставно не знаат што да одговорат. Сега можат да му понудат нешто многу покорисно од едноставно „да“ или „не“ – да му понудат знаење. Исто така, ако семејството веќе има миленик, детето може да научи како правилно и безбедно да се вклучи во неговата грижа наместо одговорноста само декларативно да му биде „дадена“. Ќе работиме и со луѓе што имаат страв или фобија од животни, особено од кучиња. Наместо стравот да се игнорира или да се принудува детето да контактира со животното, сакаме процесот да биде постепен, стручен и соодветен, со вклучување професионалци кога е потребно. Посебна тема е и загубата на миленикот. За многу луѓе тоа е вистинска загуба, но често не знаат како да се справат со неа, особено кога околината не ја разбира нивната болка. Академијата сака да отвори простор и за оваа тема.

Како академијата ќе придонесе за развој на култура на одговорно сопствеништво и какво влијание очекувате врз заедницата?
– Културата на сопствеништво не се менува со казни, апели и со објави на социјалните мрежи. Се менува со образование. Ако едно дете уште пред да посака куче научи дека кучето не е играчка, дека има свои потреби, дека мора да се шета, храни, одржува, воспитува и дека неговото присуство е обврска за десет и повеќе години – тогаш сме направиле многу повеќе отколку со една кампања. Но истото важи за секој друг миленик. Не можеме да зборуваме за одговорно општество ако го едуцираме човекот само како сопственик на куче. Денес некој сака папагал, друг аквариум со риби, трет зајаче, а четврти змија или пајак. Секој од тие избори носи различни потреби и различни ризици. Особено кај егзотичните и новите домашни миленици, незнаењето може да има последици не само за животното туку и за природата. Животно што е неодговорно пуштено во средината во која природно не припаѓа може да стане еколошки проблем. Затоа образованието мора да дојде пред омасовувањето, а не откако ќе се појави проблемот.
Кому најмногу му е наменета академијата – на децата, младите или на идните сопственици – и како планирате да ги вклучите сите генерации?
– На сите. Но со различна содржина. Децата треба да научат како да го разбираат животното, како безбедно да контактираат со него и што значи одговорност. Младите треба да добијат реална слика за тоа што значи да преземат миленик во период кога студираат, работат, патуваат и создаваат сопствен живот. А идните сопственици треба да научат како да направат правилен избор уште пред миленикот да влезе во нивниот дом. Но тука имаме и една друга амбиција – професионализација на интересот на децата и младите кон животните. Ако едно дете навистина го сака светот на животните, зошто тоа знаење да не му биде основа за идната професија? Ќе предложиме програми за деца што размислуваат да се запишат во средно ветеринарно училиште или подоцна на факултет, но и за оние што можеби нема да изберат академска кариера, туку сакаат еден ден да создадат сопствен бизнис – салон за негување миленичиња (груминг-салон), пет-шоп, центар за дресура, хотел за миленици, дневен престој или сервис за шетање кучиња. За секоја од овие професии постојат специфични предизвици, одговорности и основни знаења. Не сакаме да им кажеме на децата што треба да бидат, туку да им покажеме што сè постои во еден цел професионален свет поврзан со животните.
Кои се следните чекори по отворањето – дали планирате проширување на програмата, регионални центри или соработка со меѓународни организации?
– Прво сакаме да го изградиме моделот тука, во Скопје. Не сакаме веднаш да бркаме големина, туку квалитет и резултат. Програмата ќе се развива според интересот и потребите на луѓето. Во иднина гледаме можност за нови модули, специјализирани работилници, гостувања на експерти од различни области и соработка со професионалци и организации од странство. Особено сакаме да ја развиваме едукативната компонента за различните видови миленици и за новите домашни миленици. Ако знаеме дека нивното присуство во домовите ќе расте, тогаш мораме навреме да го подготвиме и општеството. Доколку моделот се покаже успешен, природно е да размислуваме и за негово проширување надвор од Скопје, па и регионално. Но најважниот план е многу поголем од една академија. Сакаме да создадеме поинаква култура на сопствеништво. Култура во која родителот нема да се плаши кога детето ќе каже „сакам миленик“, туку ќе знае каде да го испрати за да научи што значи тоа. Култура во која човекот нема да купи животно затоа што му е симпатично, туку затоа што ги разбрал неговите потреби. Култура во која детето што денес сака куче можеби утре ќе стане ветеринар, негувател и фризер за миленичиња, одгледувач, тренер или сопственик на бизнис поврзан со животните. И, пред сè, култура во која напуштањето на миленикот нема да биде „туѓ проблем“, туку нешто што сме го спречиле со знаење пред воопшто да се случи.

































