Нови правила за амбалажата и отпадот од амбалажата во Европската Унија
- Европската Унија веќе речиси еден месец (од 12 август) почна да ги применува новите правила за амбалажата и отпадот од амбалажата. Имено, пакувањето на производот постепено станува дел од условите за негово пласирање во ЕУ, почнувајќи од материјалите што се користат, преку можноста за рециклирање и повторна употреба, до ограничувањата за штетни супстанции. Компаниите што нема да ги приспособат навреме производите и амбалажата ризикуваат дополнителни трошоци, промена на доставувачи и посложен пристап до европскиот пазар. Што значи сето тоа за европските компании, а особено за македонските компании?
Европската Унија од август годинава влезе во нова ера на правилата за амбалажа. На 12 август 2026 година почна примената на Регулативата за амбалажа и отпад од амбалажа (ППВР), со која Брисел сака да го запре постојаниот раст на количеството отпад и постепено да го намали користењето на примарните суровини. Новите правила го опфаќаат целиот животен циклус на амбалажата, и тоа од нејзиниот дизајн и состав, до повторната употреба, собирањето и рециклирањето. Суштината на промената е дека амбалажата што се продава на европскиот пазар, по нејзината употреба, во иднина мора да биде помалку непотребна, полесна за рециклирање и, каде што е можно, повторно употреблива.
Рок за преструктурирање
Еден од клучните рокови е 2030 година. Тогаш сите пакувања на пазарот на ЕУ треба да бидат рециклирачки на економски оправдан начин. Истовремено, ќе се зголемува задолжителната употреба на рециклирана пластика во новите пластични пакувања. За различни видови пластична амбалажа се утврдени различни минимални удели на рециклиран материјал. Кај еднократните пластични шишиња за пијалаци, на пример, целта за 2030 година е 30 проценти рециклирана содржина, додека кај други пластични пакувања процентот може да достигне 35 проценти.
Правила и за намалување на вкупното количество на амбалажа
Европа истовремено сака да го намали и самото количество на амбалажа. Тоа значи помалку непотребни слоеви, помали кутии и помалку „празен простор“ околу производот. Особено е погоден е-трговскиот сектор, каде што често за релативно мали производи се користат големи кутии. Од 2030 година ќе има и ограничувања за одредени форми на непотребна еднократна амбалажа. Меѓу примерите се малите пластични пакувања за сосови и зачини, како и одредени минијатурни пакувања во туристичкиот и угостителскиот сектор. Целта не е целосно да се укине еднократната амбалажа, туку да се елиминира онаа за која постои поодржлива алтернатива.
Систем за зголемување на процентот на повторно употреблива амбалажа
Голема промена има и во насока на повторната употреба. Од 2030 година компаниите што користат транспортна амбалажа ќе мора да обезбедат најмалку 40 проценти од таа амбалажа да биде повторно употреблива во рамките на системот за повторна употреба. За одредени групирани пакувања целта е 10 проценти, а кај пакувањата за пијалаци исто така се воведуваат цели за повторна употреба. За потрошувачите, промената ќе се гледа и преку појасни ознаки за тоа како амбалажата треба да се селектира и каде да се фрла. Во исто време ЕУ поставува цел до 2029 година да се собираат одделно најмалку 90 проценти од еднократните пластични и метални садови за пијалаци. Првите конкретни ограничувања веќе стапија во примена. Од август 2026 година има построги правила за PFAS – таканаречените „вечни хемикалии“ – во амбалажата што доаѓа во контакт со храна. Оттука, новата европска политика не е само политика за отпад. Таа станува и политика за производство, дизајн, логистика и трговија. За македонскиот потрошувач промената можеби нема да биде драматична прекуноќ. Но за македонскиот производител што сака неговиот производ да стои на европска полица, прашањето веќе не е само дали производот е квалитетен. Прашањето е и дали е спакуван според новите европски правила. Е.Р.
Македонските компании и новите правила за амбалажата во ЕУ
За домашниот пазар нема да важат новите правила на Унијата
Новите европски правила за амбалажата не значат дека од денес сите македонски компании мора да ги заменат своите пакувања. Но, од друга страна, за извозниците во Европската Унија (извозно ориентираните компании) зафатот би бил многу посериозен. Имено, производот што се пласира на европскиот пазар мора да ја исполнува европската регулатива за амбалажа. Таканаречениот ППВР се применува на амбалажата што се става на пазарот на ЕУ, без оглед на тоа каде е произведена. Тоа значи дека македонската фабрика може да остане физички во Македонија, но нејзината амбалажа мора да ги следи правилата на пазарот кон кој извезува. Најголемиот предизвик е што ова не е една промена со еден рок. Станува збор за повеќегодишно преструктурирање.
Првиот рок е веќе тука
Од 12 август 2026 година регулативата почна да се применува во ЕУ, а меѓу првите обврски се и ограничувањата за PFAS во амбалажата што доаѓа во контакт со храна. За македонските производители на храна, пијалаци и амбалажа тоа значи дека треба да знаат што содржат материјалите што ги користат и да можат да го докажат тоа. Следниот голем пресврт е 2030 година. Тогаш сите пакувања што се пласираат на европскиот пазар треба да бидат рециклирачки на економски оправдан начин. За пластичната амбалажа дополнително се воведуваат задолжителни удели на рециклиран материјал – од 10 до 35 проценти, во зависност од видот на пакувањето, со повисоки цели што следуваат до 2040 година. За компаниите тоа може да значи нови доставувачи, нови материјали, промена на машините за пакување, нови дизајни и дополнителни тестирања и документација.
Кои домашни компании би биле најзасегнати?
Особено засегнати може да бидат производителите на храна и пијалаци, пластичната индустрија, фармацевтските и козметичките компании, трговците и фирмите што значаен дел од производството пласираат преку европски дистрибутери.
Транспортната логистика исто така ќе мора да се приспособува. Од 2030 година, за одредени видови транспортна амбалажа во ЕУ се бара најмалку 40 проценти да биде повторно употреблива во систем за повторна употреба. За македонските извозници тоа може да значи промена од картонски кутии и еднократни материјали кон палети, гајби, контејнери и други решенија што можат да се користат повеќекратно – таму каде што правилата се применуваат.
Временските рокови како предизвик
Дополнителен проблем може да биде и временската рамка. Нашата домашна компанија што е засегната од новите правила на ЕУ не може да чека до 2030 година за да почне со промени, затоа што промената на амбалажата бара развој, тестирање, набавка, договори со доставувачите и усогласување со европските купувачи. Европската комисија (ЕК) веќе објавува упатства за примената на правилата токму поради сложеноста на регулативата. За фирмите што не извезуваат во ЕУ, ППВР сама по себе не создава автоматска директна обврска како да ја произведуваат амбалажата за домашниот пазар. Но и тие тешко можат да го игнорираат трендот: европските барања постепено ќе се прелеваат преку доставувачите, трговските синџири и очекувањата на потрошувачите.
Најголемиот ризик затоа не е само трошокот за нова амбалажа
Според многу соговорници, најголем предизвик е компанијата што се преструктурира по новите правила на ЕУ од овој домен е „да не може навреме да докаже дека нејзиниот производ ги исполнува условите на европскиот купувач“. Затоа преструктурирањето треба да започне со попис на целата амбалажа, имено, од што е направена, колку материјал содржи, дали може да се рециклира, дали содржи ограничени супстанции и колкав дел може да се замени со рециклиран материјал. Потоа следува разговорот со доставувачите и европските партнери.
– За македонската индустрија ова е трошок, но и можност. Фирмите што порано ќе се приспособат ќе имаат поголема шанса да останат во европските синџири на снабдување. А оние што ќе чекаат европскиот купувач да им каже дека старата амбалажа веќе не е прифатлива, ризикуваат промената да ја платат многу поскапо – предупредуваат нашите соговорници. Е.Р.
































