Вертикалниот коридор има основа да ја смени енергетската карта на Балканот
- Вертикалниот коридор не треба да се замислува како „едноставен нов цевковод“ што почнува во Грција и завршува во Украина. Станува збор за координирана употреба и надградба на повеќе национални гасни системи, интерконектори, терминали и складишни капацитети, со цел гасот да може да се движи од јужните влезни точки кон северот и истокот на Европа. Во постојната конфигурација се поврзани Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина, а со проширувањето се отвора западнобалканската гранка преку Македонија и Србија, а на југ клучна улога има Грција…
На енергетската карта на Југоисточна Европа се исцртува нова оска север–југ, а Македонија за првпат има можност да не биде само крајна точка на еден гасовод туку дел од поширок регионален систем преку кој природниот гас ќе може да се движи во повеќе насоки. Денеска, во Солун, се очекува официјализирање на проширувањето на иницијативата „Вертикален коридор“ со приклучување на Македонија и Србија. Тоа е момент со значење што ги надминува протоколарните рамки на едно потпишување.
Според најавите, меморандумите ќе бидат потпишани во рамките на енергетските разговори во Солун, каде што истиот ден ќе се одржи и десеттото издание на Форумот за енергетика на Југоисточна Европа, во организација на Американско-грчката стопанска комора и Хеленската асоцијација за енергетска економија. Во фокусот ќе бидат енергетската безбедност, инфраструктурната поврзаност, инвестициите, новите енергетски технологии и иднината на енергетската архитектура на Југоисточна Европа.
Паралелно со тоа, во Солун вчера и денеска (на 3 и 4 септември), се одржува и шестиот самит „Метрополитен“ во организација на „Економист“, со темата „Во пресрет на 2030 година: поврзаност и раст за Југоисточна Европа“. Една од централните дискусии е посветена токму на вертикалниот енергетски коридор и на неговата улога во создавањето нова архитектура на енергетска безбедност во регионот.
Во таков амбиент ќе се најде и македонската министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. По панел-дискусиите и разговорите со регионалните партнери, предвидено е потпишување на меморандумите со кои Македонија и Србија формално се внесуваат во пошироката регионална иницијатива.
Не е еден гасовод, туку енергетска мрежа
„Вертикалниот коридор“ не треба да се замислува како „едноставен нов цевковод“ што почнува во Грција и завршува во Украина. Станува збор за координирана употреба и надградба на повеќе национални гасни системи, интерконектори, терминали и складишни капацитети, со цел гасот да може да се движи од јужните влезни точки кон северот и истокот на Европа. Во постојната конфигурација се поврзани Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина, а со проширувањето се отвора западнобалканската гранка преку Македонија и Србија. На југ, клучна улога има Грција. Нејзината инфраструктура обезбедува пристап до течен природен гас преку терминалите во Александруполи и Ревитуса, додека преку TAP во регионот пристигнува и азербејџански гас. Преку грчко-бугарскиот интерконектор (ИГБ) овие извори можат да се насочат кон Бугарија, а оттаму кон Романија, Молдавија, Украина и централноевропските пазари. Токму ИГБ-интерконекторот е еден од клучните делови на системот. Интерконекторот е долг 182 километри, од кои 151 километар се на бугарска територија, со почетен капацитет од три милијарди кубни метри годишно и можност за зголемување до пет милијарди. Комерцијално работи од октомври 2022 година.
Се зголемуваат и капацитетите на постојните врски
Во меѓувреме се зголемуваат и капацитетите на постојните врски. Бугарскиот оператор „Булгартрансгаз“ најавува дека од октомври 2026 година капацитетот за пренос од Грција кон Бугарија преку Кулата–Сидирокастро ќе се зголеми на околу 93 милиони киловат-часа дневно, а по завршувањето на последната фаза во јануари 2027 година на повеќе од 102 милиони киловат-часа дневно. За врската Бугарија–Македонија, на точката Ќустендил–Жидилово, планирано е зголемување на техничкиот капацитет во текот на 2027 година. Тоа е важен податок за Македонија. Бидејќи нашата земја е физички поврзана со бугарскиот систем, зголемувањето на капацитетите на север и изградбата на новата врска со Грција создаваат можност македонскиот систем да стане дел од поголема двонасочна регионална мрежа.
Македонската „врата“ кон југ
Клучот за оваа промена е гасниот интерконектор Македонија–Грција. Неговата изградба е во тек, а како цел се наведува завршување во 2027 година. Почетниот капацитет е планиран на околу 1,5 милијарда кубни метри годишно, со можност за негово зголемување. Со него Македонија добива нешто што досега практично го немаше, односно директен пристап до јужната енергетска врата на Европа. Тоа значи можност за пристап до ЛНГ што пристигнува во грчките терминали, до гасот што преку TAP доаѓа од Азербејџан, а преку поширокиот коридор и до други извори што ќе бидат достапни на европскиот пазар.
Втората половина од зафатот е интерконекторот со Србија. Договорот за проектирање и изградба е веќе потпишан, а станува збор за врска што треба да создаде северен излез за македонскиот гасен систем. Така се отвора можност за поинаква логика. Имено, Македонија повеќе не би била само потрошувач на гас што доаѓа од еден правец туку потенцијална транзитна точка меѓу Грција, Македонија и Србија. Со други зборови, ако интерконекторот со Грција е јужната врата, врската со Србија може да стане северната врата. А токму комбинацијата на двете е она што го прави македонското учество во „Вертикалниот коридор“ толку значајно.
Од сигурност кон конкуренција
Првата бенефиција е – сигурноста на снабдувањето. Македонскиот гасен систем историски е ограничен поради релативно мал број физички врски и доминација на еден главен правец на снабдување. Со повеќе интерконектори се намалува ризикот од зависност од една маршрута или еден извор. Но диверзификацијата има и втора страна – конкуренцијата. Ако на пазарот може да влезе гас од повеќе извори и преку повеќе маршрути, трговците добиваат поголем избор. А поголемиот избор потенцијално би требало да создава подобри услови за ценовна конкуренција. И токму зголемената конкуренција и интеграцијата на регионалните пазари се меѓу основните цели на „Вертикалниот коридор“. Сепак, тука треба да се биде внимателен со очекувањата. Самото членство во коридорот автоматски не значи поевтин гас…
За крајната цена се важни и капацитетите, тарифите за пренос, договорите со снабдувачите и реалната побарувачка. Токму затоа операторите во јули годинава договорија формирање заедничка техничко-комерцијална работна група што ќе ги разгледува капацитетите, долгорочната побарувачка, тарифната структура и потребната инфраструктура. Тоа е можеби една од најважните, но најмалку видливи страни на целиот процес. Имено, инфраструктурата мора да биде проследена со комерцијално употребливи (исплатливи) правила.
Македонија добива ново значење
Ако се реализираат интерконекторите со Грција и Србија, географската позиција на Македонија добива ново значење. Денес земјата е релативно мал гасен пазар. Но токму поради тоа што се наоѓа меѓу Грција и Србија, а во близина е и бугарската мрежа, со изградбата на новите врски може да добие регионална функција. Во најповолно сценарио, гасот би можел да пристигнува од југ, преку грчкиот систем, да минува низ Македонија и да продолжува кон Србија. Во исто време, преку бугарскиот систем, Македонија би имала пристап до пошироката вертикална мрежа кон Романија, Молдавија и Украина. Така, државата од слепа улица на гасната карта може да се претвори во раскрсница. Тоа е геополитичката димензија на проектот. Грција со Александруполи и Ревитуса сака да се позиционира како енергетска порта кон север. Бугарија станува транзитен простор кон Романија и Централна Европа. Србија добива можност за нов јужен правец на снабдување. А Македонија се наоѓа меѓу овие системи. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис веќе го опиша „Вертикалниот коридор“ како проект што ја зголемува геополитичката позиција на Грција и Бугарија, токму затоа што овие земји можат да станат снабдувачи на енергетска сигурност за државите северно од нив. Е.Р.
Украина и пошироката европска енергетска слика
- Европската енергетска архитектура драматично се промени по руско-украинскиот воен конфликт и прекинот на традиционалните текови на руски гас кон Европа. Засега, со ваква Европска комисија, тој тренд е реалност и ќе продолжи, без разлика на последиците што ги трпат главните европски држави, членки на ЕУ, и нивните индустрии. Затоа се тргнува од таа и таква фактичка состојба при опсервација на перспективите на новата европска енергетска архитектура
Гореспоменатиот „Вертикален коридор“ денес има и функција на алтернативна северно-јужна маршрута преку која гасот од Јужна Европа може да стигне до Украина и централноевропските пазари. Во 2025 и 2026 година се развиваат и нови капацитетни производи за испораки кон Украина преку ИГБ, користејќи ЛНГ од Александруполи и гас од TAP.
Американската администрација, исто така, го третира „Вертикалниот коридор“ како значајна можност за зголемување на американскиот ЛНГ-извоз кон Централна и Источна Европа. Во февруари 2026 година американското Министерство за енергетика одржа состанок со претставници на земјите од коридорот и Европската комисија токму со цел унапредување на оваа соработка. Значи, ова не е само балкански инфраструктурен проект. Тој се вклопува во пошироката европска политика на диверзификација на снабдувањето.
Стремежи за коридорот да донесе конкурентност
За Македонија, сепак, важно е проектот да не се претставува само како геополитички успех, што навистина во овие околности е, но исто така, во продолжение, потребно е да се постават и економските прашања, како на пример колку ќе чини транспортот, колкава ќе биде реалната побарувачка, кои компании ќе резервираат капацитети и дали македонската економија ќе може да го искористи потенцијалот…
„Вертикалниот коридор“ може да донесе поголема сигурност и нови можности, но комерцијалниот успех не доаѓа автоматски. Регионалните оператори самите укажуваат дека тарифите и усогласувањето на правилата меѓу повеќе држави се клучни за коридорот да биде – конкурентен, што сите го посакуваме.
Натаму, тука е и долгорочната дилема. Европа истовремено инвестира во гасна инфраструктура и се движи кон декарбонизација. Затоа новите интерконектори имаат смисла само ако можат да бидат употребливи во пошироката енергетска транзиција. Дел од новата инфраструктура во регионот се планира со перспектива за идно користење и за водород, што може да го продолжи животниот век на инвестициите. Е.Р.
Што значи „Вертикалниот коридор“ за домашното стопанство и за македонскиот граѓанин?
Според неколкумина енергетичари со кои се консултиравме, сублимираниот одговор на ова прашање би бил: наједноставно кажано, доколку проектите се реализираат според планираното, Македонија ќе има – повеќе избор. А каков: Македонија ќе има повеќе избор на извори, второ, повеќе избор на правци, трето, повеќе можности за регионална трговија… Натаму, повеќе сигурност во кризни ситуации и, се разбира, потенцијално подобри услови за конкуренција. Но најголемата промена може да биде географската. Имено, Македонија од земја што се наоѓа „на крајот“ на еден систем би можела да се најде во средината на регионална енергетска мрежа. Затоа овој депониран потпис во Солун е повеќе од протокол. Тој е политичка потврда дека Македонија ќе биде дел од новата енергетска архитектура на Југоисточна Европа. Вистинскиот тест, сепак, ќе дојде потоа. Тогаш кога ќе се изградат цевководите, кога ќе се резервираат капацитетите, кога ќе се појават првите реални количества гас и кога македонските компании и граѓани ќе можат да почувствуваат дека концептот на „диверзификацијата“ не е само збор од стратешките документи туку би бил препознатлива опиплива и реална економска придобивка. Е.Р.
































