Професионалните возачи бараат итно решение за Шенген-блокадите
- Камионџиите, обединети под закрилата на асоцијацијата „Макам-транс“, неодамна продефилираа пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје и со звуците на сирените упатија јасен апел до Брисел за итно надминување на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенгенската зона
Иако најави, Европската комисија изминатите месеци буквално не направи ништо за да го реши проблемот со престојот на професионалните возачи на камиони во шенгенската зона, поради што неодамна превозниците одржаа уште еден протест пред седиштето на ЕУ во Скопје, со намера да ги потсетат европските бирократи дека проблемот сам од себе нема да исчезне.
Камионџиите, обединети под закрилата на асоцијацијата „Макам-транс“, продефилираа пред седиштето на Делегацијата на ЕУ и со звуците на сирените упатија јасен апел до Брисел за итно надминување на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенгенската зона.
Синхронизирани протестни активности се одвиваа низ целиот регион, вклучувајќи ги Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, што покажува дека целиот Западен Балкан се соочува со ист транспортен колапс поради шенгенските бирократски процедури.
Ламерт: Свесни сме за проблемот, но реалноста е таа
Иако протестот во Скопје се одржа на само еден ден пред состанокот на работната група во Брисел, очигледно апелите на возачите не допреа до европските претставници.
Според Маркус Ламерт, портпарол на ЕК, шенгенските правила нема да се променат иако официјалните лица се свесни дека одредени категории, вклучувајќи ги и возачите на камиони, се соочуваат со проблеми при влегување и излегување од европските земји што се дел од зоната на слободно движење.
– Свесни сме дека одреден број професионалци од трети земји што не се прекугранични работници имаат потреба од пристап до шенгенската зона повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова важи за професии што бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја – кажа Ламерт на редовната прес-конференција одржана на 1 септември.
Тој додаде дека ништо не е променето од она што уште претходно било воспоставено од страна на ЕК.
– Во исто време, важно е да се нагласи дека системот за влез-излез не воведува никакви нови правила или нови барања во врска со должината на краткорочните престои во шенгенската зона. Ова не се променило – истакна Ламерт.
Бирократската инертност на ЕУ ја задушува економијата
Анализирајќи ја ваквата поставеност на Брисел, политичките и економски аналитичари посочуваат дека овој случај е микропример за многу поширок системски проблем во функционирањето на Унијата.
– Официјалниот став на Европската комисија дека шенгенските правила за професионалните возачи нема да се менуваат, и покрај тоа што Брисел е целосно свесен за застоите на границите и штетите врз синџирите на снабдување, е класичен симптом на сопствената бирократска инертност. Ова е пример од учебник за одложена криза. ЕУ свесно одбира да чека системот или пазарот да доживеат колосален прекин, за дури потоа под притисок да носи вонредни, изнудени и за сите скапи мерки – објаснуваат експертите.
Овој институционален параван директно се рефлектира и врз глобалната позиција на Европа.
– Ако ЕУ покажува олку висок степен на ригидност и не може брзо и флексибилно да приспособи ниту еден обичен техничко-административен механизам за логистиката на која директно ја гради и сопствената економија, како тогаш очекува да биде релевантен и брз играч на глобалната геополитичка сцена? Нејзината геополитичка немоќ е директна последица на истата матрица: институционално затворање очи пред реалноста сè додека ситуацијата не ескалира, односно сè додека не стане предоцна за мирни и одржливи решенија. За Западен Балкан, кој со децении го чека својот европски пат, протестите на превозниците и глувоста на Брисел се мошне фрустрирачка и негативна порака. Со ваквиот игнорантски однос, ЕУ праќа сигнал дека нема ниту оперативен капацитет ниту суштинска политичка волја да понуди брзи и практични решенија, дури и за најблиските економски партнери – заклучуваат експертите.
Додека Брисел инсистира на стриктно почитување на ограничувањето од 90 дена престој за возачите, балканските економии, меѓу кои и македонската, секојдневно бројат милионски загуби. Останува да се види дали предупредувачкиот звук на сирените пред европските претставништва ќе биде доволно силен за да ја разбуди бирократијата пред синџирите на снабдување целосно да попуштат.
Системот ЕЕС ја покажа сета своја нефункционалност
Проблемот за превозниците почна со воведувањето на системот за влез/излез (ЕЕС) во шенгенската зона. Тоа е автоматизиран ИТ-систем што го заменува рачното печатирање во пасошите за граѓани што не се членки на ЕУ и влегуваат во шенгенската зона. Системот беше делумно воведен во октомври 2025 година и е целосно оперативен од април оваа година.
Главниот проблем со кој се соочуваат возачите на камиони не е само собирањето биометриски податоци на границата, туку и строго компјутерско следење на правилото за максимален престој од 90 дена во рамките на кој било 180-дневен период (правилото 90/180).
Бидејќи системот ЕЕС автоматски ги регистрира пречекорувањата на престојот, професионалните возачи, поради природата на нивната работа, можат да ги искористат овие 90 дена за само два-три месеци, по што повеќе не можат легално да влезат во шенгенската зона, што им ги загрозува работните места и целата логистика на транспортот. С.Т.
































