ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ (9)
М-р Никола Ристевски
Во ова претпоследно продолжение на фељтонот „За овчеполските работи“ имате можност да дознаете повеќе за хидрографијата на Овче Поле. Денес, Општина Свети Николе се снабдува со вода за пиење од хидросистемот „Злетовица“, а земјоделците често имаат проблеми со наводнувањето во летните периоди. За иден раст и развој на регионот е неопходно правење нови бунари и изградба на нови канали за наводнување. Исто така, поради долгогодишни проблеми со водоснабдувањето и чести прекини поради дефекти, а во последно време и поради матност на водата што доаѓа од „Злетовица“, иднината на Овчеполието зависи како од нови извори на вода за земјоделците и раноградинарите така и од сопствени ресурси за вода за пиење. Старите Овчеполци знаеја да речат дека „водата бегала од лоши луѓе“, па затоа се повлекувала длабоко под површината.
Хидрографија на Овче Поле
Котлината Овче Поле изобилува со многу големо количество вода, која во последните децении сè повеќе се повлекува под земјата, а плитките подземни канали се полнат со многу атмосферски води поради обилните дождови во последните неколку години. Народот вели – земјата не може да ја додржи водата, па така, и на високи ридови скоро можевме да видиме вода како сама излегува од под земјата, а во текот на летата по секој обилен дожд полето следниот ден беше суво, поради зголемената сила на сончевите зраци.
Променливите временски услови влијаат на нерамномерната распределба на годишните количества дожд, како и на колебливите извори, од кои денес повеќето не се ни препознаваат. На нестабилноста на водите влијаат и термичките особини на Овче Поле. Ниските зимски температури предизвикуваат акумулирање на атмосферската вода, што е причина за ниската зимска и високата пролетна сила на изворите. Високите летни температури предизвикуваат големо испарување и го намалуваат понирањето на атмосферската вода. Во летниот период многу послаби извори буквално пресушуваат, а наесен водата повторно се враќа во коритата. Во текот на зимата знае и да замрзне, па затоа народот сѐ уште ги памти водопадите што се појавувале само во определени кратки периоди од годината.
Хидрографски, Овчеполската Котлина припаѓа на сливот на реката Брегалница. По новото прекројување на општините во Република Македонија, на Општина Свети Николе ѝ остана само една кривина од Брегалница, онаа кај огромниот камен ѕид, јужно од ридот Богословец со врвот Свети Јован Богослов. Најголемиот воден тек претставува Светиниколска Река, позната и како Азмак. Оваа река настанува од три краци – од Мавровица, Караташ и Бериш. Првиот крак избива во близината на селото Макреш, на надморска висина од околу 720 метри. Вториот доаѓа од кај селото Павлешенци, од околу 390 метри височина. Третиот избива во селото Малино на околу 380 метри. Трите водни тека се спојуваат во средишниот дел на Овчеполието, кај градот на Свети Никола, од каде што по меридијански правец продолжуваат како Светиниколска Река. Оваа река прима и неколку притоки – од лева страна од Немањици, Мечкуевци и Судик, а од десно текот што доаѓа од Ѓуземелци. Напролет водите знаат да станат матни, особено по топењето на снегот, а во тој период се таложи и многу нанос во долниот тек. Поради долгогодишното управување со водите во Овче Поле на начин што не е ни приближно до задоволителен, денес многу од старите вади, канали и линии по кои доаѓала вода или не постојат или се запуштени и преполни со ѓубре, а оние малкуте во кои сѐ уште тече вода, се оставени на милост и немилост. Долниот тек на Светиниколска Река денес едвај може да се препознае, а немаме ни доволно информации за местата каде што водите понираат и за подземните канали по коишто се движат. Порано, Светиниколската Река често знаела да се излее и да ги поплави атарите на селата Пеширово, Амзабегово, Делисинци и Ќоселери.
Немањичка Река го поплавувала атарот на Ерџелија, Мечкуевска околу Мустафино, а Судичка во атарот на Врсаково. При овие поплави, освен тоа што се таложел многу нанос, коритата знаеле да се поместат и со неколку стотини метри. Иако не биле долготрајни, овие поплави многу влијаеле на она што денес е останато од овие водни теченија.
Изворите во Овче Поле се различни, во зависност од геолошкиот состав, релјефот и климата каде што се наоѓаат. Различните локации го имаат определено и различниот вид на подземните води. Силни извори на вода има во атарот на селото Богословец – Средномаалски, Глава, Староселски и Чорбаџиски; силен е изворот Три Чешми во Трстеник, Орашката Вода во Преод сѐ уште тече, иако цртаната чешма е растурена, во селото Алакинци се наоѓа изворот Бериш, Домуз Бунар е во атарот на Горно Црнилиште, а еден добар извор на вода постои и во градот на Свети Никола. На многу места во Овче Поле водата се наоѓа под самата површина, на само два–три метри под тлото на кое газиме, но во многу од тие текови таа е или загадена, или ѓеренлива – поради составот на земјата. Послаби извори на вода има буквално во атарот на секое село, се хранат од мали површински водни теченија и се со слаби водни жили.
Овчеполските рекички, кои ги снемува налето, и ден-денес можат да се препознаат при внимателно набљудување. Во текот на летото послаб млаз на вода се задржува во Светиниколската Река, која некаде на површината, а некаде како понорница, преку атарот на Аџибегово ја напушта областа и се влива во Брегалница, која понатаму тече накај Вардар.
Она што е познато за денешната генерација Македонци е дека во последниот половина век со современи машини за дупчење е стигнато до значителни количества квалитетна вода. Дали Република Македонија ќе почне да се грижи за ова непроценливо богатство и ќе им го зголеми квалитетот на живеењето на граѓаните со тоа што ќе им овозможи да консумираат чиста и здрава вода, останува да видиме.
Мистичните овчеполски чешми
Овчеполци, но и посетителите и гостите од другите краишта на Македонија и странство, несомнено ги имаат забележано симболите на чешмата до Ѓуришкиот манастир. Двата змеја од двете страни на долниот дел на чешмата, трите врва во средината на чешмата, двете змии со две розети – сонца или цветови, плоча помеѓу и нешто што наликува на був или череп со коски на врвот на чешмата. При посетата на неколку села и месности во Овчеполието, забележав уште такви чешми, со целосно истите симболи. Повеќето од нив се целосно разрушени, а малкуте што ја преживеале деструкцијата од луѓето се со оштетени симболи и на сите им недостига плочата со натпис што се наоѓала помеѓу двете змии. Исти чешми сретнав во Преод, Црнилиште, Богословец, Мечкуевци, на другата страна на Ѓуриште, а делови од исти такви чешми се вградени во чешмите во селата Патетино и Макреш. Според повозрасните, таква чешма има и во Медово, во Иванковци, порано имало во непосредната близина на градот, а постојат и уште, чии локации сепак не се за откривање во овие редови.
Луѓето најчесто ги уништувале барајќи скриено богатство и без разлика дали наоѓале или не – ретко кога ги обновувале по разрушувањето. Сеќавањата на некои светиниколци ни говорат дека во чешмата кај Ѓуришкиот манастир постоела вградена плоча на која пишувало кој мајстор ја подигнал, во 1800 и некоја година. Овој период одговара на времето кога ѕидарските тајфи активно работеле низ цела Македонија и одново се градени овчеполските цркви, но самиот податок е недоволен за да заклучиме дали овие чешми со мистични симболи се создавани пред помалку од два века или исти такви постоеле и порано, а тогаш биле преѕидувани. Дури и водата во Овче Поле бега од луѓето, па во последните децении сѐ повеќе се повлекува длабоко под земјата. Можеби затоа што човечкиот род е премногу деструктивен, а водата има чувство и памтење. Овие чешми се вистински споменици на културата на Република Македонија и итно треба да се заштитат, бутнатите да се изградат одново, на оние на кои им се откорнати симболите пак да им се вградат нови, таму каде што имало вакви чешми, а сега ги нема – да се подигнат нови.
Колку вода има под Овче Поле?
Проблемот со вода за пиење во Овчеполието, односно со снабдување со вода за пиење, е забележан уште во елаборат од 1948 година. Пред Втората светска војна, за време на окупацијата од Кралството СХС/Југославија, со цел да ги снабдат колонизаторските населби во Овче Поле, властите правеле бунари со огромни длабочини. Урбаната легенда е дека некој од локалните жители им дал погрешни информации, па поради тоа дупчењата на тие локации биле неуспешни, односно била извадена солена вода непогодна за пиење. Во стари исечоци од „Нова Македонија“ од крајот на 70-тите години од минатиот век можеме да проследиме еден цел период во кој во текот на неколку години граѓаните активно барале решавање на проблемот. По изградбата на вештачкото езеро Мавровица во 80-тите на почетокот од овој век беше докажано дека водата од таму воопшто не била за пиење. Веќе подолго време граѓаните негодуваат за честите прекини и слабиот притисок, а и ден-денес во некои села каде што порано имало чешми и воденици, во 21 век нема водовод, ниту пак канализација. Голема е веројатноста дека жилите на жива вода под Овче Поле можат да го решат проблемот не само во котлината туку и во соседните региони од Македонија. Откривањето на водните ресурси во Овче Поле, каде што има и минерални извори на вода, е најнеопходниот ресурс за иднината на втората по големина котлина во Република Македонија.
Водениците во Овче Поле
За некогашното богатство со вода на реките во Овчеполската Котлина зборуваат некогашните воденици изградени на водотеците во котлината, во кои се мелела надалеку познатата овчеполска пченица („црвенка“) за исхрана на луѓето и други житни култури за исхрана на добитокот.
По течението на реката Мавровица до 50-тите години од минатиот век имаше повеќе воденици. Во атарот на селото Орел – десет воденици: Петкова, Катранска, Ванкоца, Панајотова, две Барабунски, Нацева, Телигарска, Барутлиска и Бетувска воденица. Во атарот на селото Немањици – пет воденици: Прокишова, Никевска, Мишевска, Игњатова и Панова воденица. Локацијата на првите три воденици денес е потопена од акумулацијата Мавровица. На реката Немашница, која го дели старото село Немањици на два дела, имаше една воденица. Во атарот на Свети Николе, на реката Мавровица имаше три воденици: Давкова, Јачева и Ѓорѓичева воденица. На Светиниколска Река, низводно до нејзиното устие во Брегалница имаше осум воденици: Ѓорѓичева, Дедовасева, Рабушчиска, Поповска, Трајкова, Амзабеговска и две во атарот на селото Аџибегово, една на север на селото во клисурата на Светиниколска Река, а втората јужно од селото, во месноста Шарланди. По течението на Горобинска Река (поток) имало три воденици: Данаилова, Панева и Дедоколева воденица.
На Орлева Река, при нејзиното устие во реката Периш, имаше Костова воденица.
По течението на реката Периш во атарот на селото Сопот имаше една воденица.
Во атарот на селото Преод, во месноста Белези (Преодски Ливади), на водотекот Врањак имаше една воденица. На Буриловска Река имаше две воденици, во атарот на селото Буриловски и во атарот на селото Мустафино.
Во атарот на селото Ѓуземелци и денес има место што го носи името Долни воденици. Ова е потврда дека и на Ѓуземелска Река некогаш имало воденици. Потврда за тоа е и името на селото – „ѓузел“ (убаво) и водениците во кои се „мел“(ело) убаво овчеполско брашно.
За постоење на воденици во Овчеполието зборува и даровницата на браќата Јован и Константин Дејанови, кои владееле со Овче Поле во втората половина на 14 век. Во времето на нивното вазалство кон Турците можеле слободно да ги користат поранешните права во областа во која управувале. Така, во 1378 година тие ги потврдуваат порано дадените имоти на манастирот „Свети Пантелејмон“ во Света Гoра и му даваат нови, и тоа: „…и село Трстеник с Метох и с воденицами…“.
Во атарот на селото Богословец, покрај реката Брегалница, во месноста Водениците имало повеќе воденици. Во пописните тапу-дефтери на Ќустендилскиот санџак од 1570 година се споменуваат девет воденици, кои биле сопственост на христијани (Македонци), а потоа нивни сопственици станале муслимани (Турци).
Лазар Серафимов (1933–2013)
(продолжува)
































