Повод: Шеесет и пет години по историскиот самит во Белград, Движењето на неврзаните повторно се враќа на местото каде што идејата за трета глобална опција доби политичка форма
- Шеесет и пет години по историскиот самит во Белград, Движењето на неврзаните повторно се враќа на местото каде што започна една од најавтентичните политички идеи на дваесеттиот век. Светот не мора да биде поделен според волјата на најмоќните!
Вчерашниот и денешниот собир на неврзаните во Белград, во соседна Србија, можеби се комеморативни по својот формален карактер, но нивната политичка порака е сè само не комеморативна
Во време на нови војни, блоковски конфронтации, санкции, трговски бариери и геополитички притисоци, принципите на неврзаноста повторно добиваат современа форма и поголема политичка специфична тежина. И токму тука (можеби) се крие некоја глобално-политичка перипетија. Имено, идејата родена во Студената војна денес може да биде една од најсовремените идеи за иднината…
Освртот на собирот на неврзаните во Белград, вчера и денес, е токму предмет на новинарска опсервација во редовиве што следуваат.
Неутралноста никогаш не беше суштината…
Според многумина искусни политички аналитичари, неврзаноста никогаш не значеше пасивно стоење настрана. Нејзината суштина беше нешто многу посериозно. Имено, тоа беше правото на секоја држава сама да ја избира својата политичка, економска и развојна патека. Тоа беше бунт против светот во кој големите сили ги определуваат правилата, а помалите треба само да ги следат. Лидерите Тито, Нехру, Насер, Нкрума и Сукарно не создадоа уште еден блок. Тие создадоа простор меѓу блоковите. Простор за суверенитет, за деколонизација, за економска еманципација и за политички глас на народите што дотогаш најчесто беа објект, а не субјект на светската политика. Првата конференција во Белград во 1961 година собра 25 држави. Денес Движењето има 120 полноправни членки и останува еден од најголемите политички форуми во рамките на Обединетите нации. Тоа не е музејска бројка. Тоа е политички капитал.
Од униполарен сон кон мултиполарна реалност
Денешниот свет, очигледно, повеќе не може лесно да се објасни со една единствена оска на моќ. Се појавуваат нови центри на економска, технолошка и политичка моќ.
– Глобалниот југ повеќе не сака да биде само пазар, извор на евтини суровини или геополитичка пешадија на туѓи интереси. Токму затоа обновената улога на неврзаните може да биде значајна. Не како нов антизападен блок. Не како продолжена рака на некоја друга голема сила. И не како носталгично враќање кон Југославија. Туку како политички коректив на секоја хегемонија. Мултиполарноста, во својата најпозитивна смисла, не значи само повеќе центри на моќ. Таа значи повеќе центри на одлучување. Повеќе гласови. Повеќе развојни модели. Повеќе простор за избор. И пред сè, помалку можност една сила да го прогласи сопствениот интерес за универзален интерес на човештвото – велат наши соговорници, македонски дипломати во пензија што активно учествувале во развивање на мрежата на неврзаните земји, кога Македонија беше дел од југословенската федерација.
Против политиката наречена „правото на посилниот“
Најголемата опасност за современиот меѓународен поредок не е во постоењето на големи сили. Отсекогаш постоеле посилни и послаби. Но опасноста е кога силата ќе стане аргумент сама по себе.
– Кога воената моќ ќе биде поважна од меѓународното право. Кога санкциите ќе станат замена за дипломатијата. Кога ресурсите на една држава ќе се третираат како стратешка награда за други. Кога економската зависност ќе се претвори во инструмент за политичко дисциплинирање. Токму против таквата логика стои старата, но сè уште жива идеја на неврзаните, а тоа е дека суверенитетот не е привилегија на големите, туку право на сите. Во тоа е и нејзината демократска вредност – велат нашите соговорници.
Од експлоатација кон партнерство
Голем дел од современиот свет денес се наоѓа пред прашањето дали глобализацијата ќе продолжи да функционира како систем на нерамномерна распределба на моќта и богатството или ќе се преобрази во систем на партнерство.
– Сведоци сме на ново ниво на развој. Африка, Азија и Латинска Америка не сакаат повеќе да бидат само простори од кои се извлекуваат нафта, гас, минерали, метали, земјоделски производи и евтина работна сила. Тие сакаат развој. Сакаат инфраструктура, технологија, образование, индустрија, сопствени производни капацитети и контрола врз сопствените ресурси. Токму тука неврзаните можат да добијат нова историска задача. Тоа е да го поврзат политичкото начело на суверенитетот со економското начело на рамноправноста. Зашто вистинскиот суверенитет не е само право да имаш знаме и седиште во Обединетите нации. Тој подразбира и право да одлучуваш што ќе правиш со сопствените природни богатства и со сопствениот развоен потенцијал – истакнуваат дипломатите од стар ков, искусни во меѓународната политика и односи.
Светот не мора да избира господар
Најголемата вредност на неврзаноста денес можеби е токму во нејзината одбивност кон униполарниот или кон бинарниот избор.
– Не мора секоја држава да биде „за“ едниот или „против“ другиот центар. Можно е да се соработува со сите, а да не се биде ничија сфера на влијание. Можно е да се тргува со една земја, да се инвестира со друга, да се гради инфраструктура со трета, а истовремено да се зачува сопствената политичка автономија. Тоа е суштината на една зрела мултиполарност: сојузништво без потчинување и соработка без вазалство. Во таков свет, големината на државата не би требало да го определува правото на нејзиниот глас – истакнуваат во разговорот нашите соработници и соговорници.
Неврзаните не треба да се гледаат како реликт од Студената војна
Според нашите соговорници, враќањето на неврзаните во Белград има и своја симболика.
– Во градот во кој светските лидери од форматот на Тито, Нехру, Насер, Нкрума и Сукарно пред 65 години ја артикулираа идејата за политички простор независен од големите блокови, денес повторно се поставува прашањето што следува по ерата на доминација на еден центар. Одговорот можеби не е во создавањето „нова империја“ (неврзани). Туку во создавањето поредок во кој нема да има империјален центар. Затоа неврзаните не треба да се гледаат како реликт од Студената војна. Тие можат да бидат дел од архитектурата на постуниполарниот свет. Нивната најважна порака не е „не“ кон Западот, Истокот или која било друга сила. Нивната порака е „да“ за рамноправноста. Да за суверенитетот. Да за меѓусебното уважување. Да за развојот без политичко потчинување. И да за свет во кој соработката ќе биде посилна од принудата – велат нашите соговорници, со висока доза на увереност во своите тврдења.
Време е малите држави повторно да имаат голем глас
– Во епоха во која оружјето повторно станува главен аргумент, а економската моќ сè почесто се претвора во средство за политички притисок, идејата дека мирот се гради преку дијалог и меѓусебно почитување звучи речиси радикално. Но токму затоа повторно е потребна. Неврзаните можат да бидат гласот на оние што не сакаат да избираат господар. Гласот на земјите што сакаат да бидат партнери, а не протекторати. Гласот на општествата што сакаат развој, а не експлоатација. И, можеби најважно, гласот на еден свет што конечно сфаќа дека мултиполарноста нема смисла ако само ја замени едната хегемонија со друга. Вистинската цел не е свет со повеќе господари. Туку свет без господари – поентираат на крајот на разговорот искусните дипломати, постојани соговорници и соработници на „Нова Македонија“. П.Р.
ОД БАНДУНГ ДО БЕЛГРАД: КАКО СЕ РОДИ И РАСТЕШЕ ИДЕЈАТА НА НЕВРЗАНОСТА
Раѓањето на третата опција
Движењето на неврзаните се роди во еден од најтурбулентните периоди на современата историја – во годините по Втората светска војна, кога светот беше поделен меѓу два спротивставени идеолошки и воено-политички блока, предводени од Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз.
Но паралелно со Студената војна се одвиваше и уште еден голем историски процес – распадот на колонијалниот систем. Десетици народи во Азија, Африка и подоцна во Латинска Америка стекнуваа независност, но новата политичка слобода се соочуваше со опасноста од нови форми на економска и политичка зависност. Во такви околности се роди идејата дека новите независни држави не треба да станат продолжена рака ниту на едниот ниту на другиот блок.
Бандунг – првиот историски чекор
Пресвртница беше конференцијата во Бандунг, Индонезија, од 18 до 24 април 1955 година, на која учествуваа 29 азиски и африкански држави. Конференцијата стана симбол на будењето на политичкиот субјективитет на дотогаш колонизираните народи. На Бандунг беа формулирани принципите на мирен соживот, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, немешање во внатрешните работи, еднаквост меѓу државите и мирно решавање на споровите. Но Бандунг не беше само декларација за неутралност. Тој беше политички повик за деколонизација, национално самоопределување и создавање меѓународен поредок во кој и малите и големите држави ќе имаат еднакво право на суверенитет.
Белград 1961 – од идеја кон движење
Шест години подоцна, идејата од Бандунг доби своја политичка форма. Од 1 до 6 септември 1961 година во Белград се одржа Првата конференција на шефови на држави и влади на неврзаните земји. На неа учествуваа 25 држави, а меѓу клучните личности беа југословенскиот претседател Јосип Броз-Тито, индискиот премиер Џавахарлал Нехру, египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, индонезискиот претседател Сукарно и ганскиот лидер Кваме Нкрумах. Така беше создадено Движењето на неврзаните. Самото определување како „движење“, а не како класична меѓународна организација, беше значајно. Неврзаните не сакаа да создадат нов блок. Нивната амбиција беше да создадат политички простор за независно дејствување.
Што значеше „неврзаноста“?
Неврзаноста не значеше политичка пасивност, а уште помалку рамнодушност кон светските конфликти. Напротив. Основната идеја беше државите самостојно да ја определуваат својата надворешна политика, без потчинување на интересите на големите сили и без приклучување кон нивните воени блокови. Меѓу темелните цели беа националната независност, суверенитетот и територијалниот интегритет, немешањето во внатрешните работи, мирното решавање на меѓународните спорови, отфрлањето на употребата на сила и борбата против колонијализмот, империјализмот, расизмот и странската доминација. Оттука произлегува и суштинската разлика меѓу неврзаноста и неутралноста: неврзаните не сакаа да стојат настрана од историјата, туку сакаа да учествуваат во нејзиното создавање.
Од политичка кон економска еманципација
Во првата фаза главната битка беше политичка – за деколонизација и национално самоопределување. Но со текот на времето стана јасно дека политичката независност без економска независност може да остане само формална. Затоа во 1970-тите и 1980-тите Движењето сè посилно ги отвора прашањата на економскиот развој, контролата врз природните ресурси, нееднаквоста во светската трговија и потребата од нов меѓународен економски поредок. Неврзаните бараа ресурсите на земјите да бидат под нивна суверена контрола и развојот да не биде условен од политичко потчинување. Борбата против економската зависност постепено стана една од централните теми на Движењето.
Од 25 кон 120 држави
Растот на неврзаните беше брз. Од 25 држави во Белград во 1961 година, бројот порасна на 47 на самитот во Каиро во 1964 година, 53 во Лусака во 1970 година, 75 во Алжир во 1973 година, 85 во Коломбо во 1976 година и 92 во Хавана во 1979 година. Движењето постепено прерасна во најширока политичка платформа на земјите од таканаречениот Трет Свет. Неговата сила не беше во воената или економската моќ, туку во бројноста, заедничкото политичко дејствување и можноста колективно да влијае врз дебатите во Обединетите нации.
Студената војна и големите искушенија
Неврзаните, сепак, никогаш не биле целосно хомогено политичко тело. Меѓу членките постоеле различни идеологии, економски системи, религии и регионални интереси. Токму затоа Движењето често се соочувало со внатрешни несогласувања, особено околу односот кон Советскиот Сојуз и САД. Самитот во Хавана во 1979 година беше еден од најизразените примери на таквите поделби. Но, и покрај различностите, неврзаните успеаја да ја одржат основната идеја: ниту една голема сила нема право да го претвори целиот свет во своја сфера на влијание.
По падот на Берлинскиот ѕид
Со падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Советскиот Сојуз исчезна светот во кој првично беше создадено Движењето. На прв поглед, со завршувањето на Студената војна исчезна и историската причина за неговото постоење. Но неврзаните не исчезнаа. Напротив, тие се обидоа да ја преобликуваат својата агенда – од класичната политика на неврзување кон мултилатерализам, развој, економска соработка, реформа на меѓународните институции и поголема застапеност на земјите во развој. Денес Движењето има 120 членки и останува едно од најголемите политички собиралишта на држави по Обединетите нации.
Идејата што преживеа една епоха
Историската важност на неврзаните не може да се мери само според самитите и декларациите. Нивниот најголем придонес беше во промовирањето една едноставна, но суштинска идеја: меѓународниот поредок не смее да биде привилегија на најмоќните. Од Бандунг до Белград, од борбата против колонијализмот до барањето за нов економски поредок, неврзаните ја бранеа идејата дека независноста има политичка, економска и развојна димензија. Затоа нивната историја не завршува со Студената војна. Ако дваесеттиот век ја роди неврзаноста како одговор на поделениот свет, тогаш дваесет и првиот век повторно ја отвора истата дилема – дали иднината ќе биде свет на хегемонија и сфери на влијание или свет на суверени држави, рамноправна соработка и повеќе центри на одлучување. Токму во тој историски контекст треба да се чита и денешното враќање на неврзаните во Белград. П.Р.
































