Македонска премиера на „Добри луѓе“

Македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски се одржа во „Куршумли-ан“, во рамките на програмата на 17. „Македокс“. Филмот беше прикажан надвор од главната компетиција, но учествува за Награда за најдобри етички идеи на „Македокс“.

По катастрофалниот пожар во ноќен клуб во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, овој филм сведочи за тагата што останува и за силата да се продолжи понатаму. Преку гласовите на преживеаните, семејствата и луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и надежта. Без сензационализам, филмот им дава достоинство на личните сведоштва, претворајќи ги во универзална приказна за солидарноста, човечноста и истрајноста пред една незамислива трагедија.

Филмот е снимен во продукција на „Банана филм“ со приватни средства на Милчо Манчевски, снимател е Иван Ивановски, монтажата е на Мишко Чунухин, а музиката на Игор Василев-Новоградска. На проекцијата во „Куршумли-ан“ присуствуваше режисерот Милчо Манчевски заедно со дел од екипата на филмот.
– Сакав да се забележат чувството, размислувањата и случувањата на луѓето што директно се соочиле со оваа трагедија. Намерата на филмот беше да им дадеме платформа, а ние филмаџиите да се повлечеме во втор план, затоа што забележав дека кај нас последниве децении многу робусни работи се случуваат, за нив сите зборуваат, а најретко зборуваат тие на кои директно им се случиле. Се разбира, ние имавме голем ангажман во сортирањето, во организирањето и во плетењето на големата слика од сите тие индивидуални приказни. Идејата остана ова да биде еден аскетски, еден минималистички филм што ќе биде документарен филм, но ќе биде и документ и ќе биде платформа за луѓето што поминаа низ овој пекол. Филмот почнавме да го снимаме само еден месец по трагедијата. Имам пријател, кој е психијатар, кој вели дека во тоа време нема ни ПТСД (посттрауматско нарушување), туку има само шок. Довербата што луѓето од Кочани ја имаа во нас ме чини да се чувствувам почестено и огромна е почитта што ја имам кон луѓето од Кочани затоа што ми веруваа. Мислам дека тие видоа дека ние не сакаме ниту да правиме сензација, ниту да тераме политика, туку сакавме да им дадеме можност да ги искажат својата приказна и својата болка – рече Милчо Манчевски.

За првиот импулс дека треба да се сними филм со оваа тематика Манчевски помислил веднаш штом слушнал за трагедијата.
– Јас не сум документарист. Имам снимено половина филм во минатото, кој е дел од „Мајки“. Имам работено документарни филмови и во Њујорк, но долго време не го правам тоа. Јас имам голем сомнеж кон документаристичкиот жанр. Мислам дека честопати сакајќи или не сакајќи во помала или во поголема мера вистината е манипулирана во правењето документарни филмови. Исто така, имам видено филмови каде што недостигот од талент се крие зад многу важна приказна. Меѓутоа, сметав дека ова е многу важен настан и дека тоа што луѓето од Кочани имаат да го кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат, затоа направив документарец. Многу ми е драго што филмот наидува на разбирање, иако беше прикажан само во Сараево и веќе има неколку рецензии. Луѓето го разбираат филмот, го разбираат минимализмот на филмот, го разбираат чувството, дури и таа трошка надеж на крајот од филмот – рече Манчевски.

Во однос на целината на снимениот материјал и селекцијата што влегла во финалната верзија на филмот, Манчевски објасни дека идејата била да им се даде платформа на луѓето за да се дознае што се случило.
– Покрај тоа сакав да знам како се чувствувале и што размислувале. Покрај самиот настан мислев дека имаме можност да зборуваме со луѓе што поминале низ нешто што малкумина го гледаат, а тоа е да ѝ се гледа на смртта в очи. И потоа да можеш да зборуваш за тоа. Тоа беше основната рамка. Вајањето на филмот во неговата финална верзија се случи со месеци и месеци во монтажата. Меѓутоа, основната идеја беше да се направи токму ваков филм. Многу е лесно визуелно да се збогати еден филм – да се оди во Кочани, да се сними градот, да се снимат учесниците во нивните секојдневни ситуации, да се употреби архивски материјал, но мислев дека е многу поважно и многу подобро како гледачи да бидеме соочени со нив, лице в лице, да ги видиме лицата, да ги чуеме гласовите и да нема каде да бегаме – рече Манчевски. С.Ј.