Рецензија
- Кон претставата „Процес“ на Кристијане Џатахи и Вагнер Моура и по драмскиот текст „Непријател на народот“ на Хенрик Ибзен, во режија на Кристијане Џатахи.Проектот е реализиран од продукцијата „Аксис“, а во копродукција со фестивалите од Авињон, Единбург, фестивалот „Холанд“ од Амстердам, центарот „Белем“ од Лисабон, Португалија, фестивалот „ДеСингел“ од Антверпен, Белгија и др. Главните улоги ги играат: Вагнер Моура, Хулија Бернат, Данило Грангеира
Сашо Огненовски
Една од најсигнификантните реплики во драмскиот текст на Ибзен „Непријател на народот“ е онаа на Томас Стокман: „Гледаш, поентата е дека најсилниот човек е оној што останува најсам“. Во верзијата на Џатахи и Моура, Стокман тргнува од таа појдовна точка отворајќи го својот судски процес, кој е всушност уште едно премивање на совеста. Овој текст излегува како сублимат од сите дилеми со кои си заминуваме кога ќе го гледаме Ибзен, најмногу неговото современо толкување, но и од автентичноста што овој текст ја нуди како матрица од која сите режисерски концепти ја црпат неговата актуелност. Имено, во верзијата на „Непријател на народот“ на Шаубине во Берлин, во режија на Томас Остермаер, Стокман во изведба на Кристоф Гавенда за да му аргументира на својот брат, градоначалникот Петер Стокман во изведба на Конрад Сингер, ја вклучува и публиката. Претставата многу индиректно станува сопственост на публиката, која зборува за сите градежни и санитарни аномалии на Берлин, но и другите градови, така што низ целиот тој дијалог, Ибзен станува близок и до дилемите на дваесет и првиот век. Во оваа верзија, која има облик на судски процес, водителката на процесот одбира по случаен избор единаесет гледачи од публиката, кои се порота и кои одлучуваат дали е Стокман виновен или не. Ќе кажеме уште еднаш дека Стокман во ова режисерско видување навистина е сам наспроти градот, наспроти меркантилиевското поимање на основните животни процеси, но не е сам кога станува збор за неговото семејство. Него го застапува неговата ќерка Петра Стокман наспроти неговиот брат, кој е тужителот. Семејството е на сцена, на двете страни и низ целиот овој процес режисерката ги отвора најкруцијалните дилеми на урбаниот живот во дваесеттиот век: недоразбирањето од аспект на бракот, амбивалентните изјави на граѓаните, медиумскиот став, кој е инспириран од многу влијанија, итн. Режијата на Џатахи го следи судскиот процес многу едноставно: давајќи им приоритет на длабоко емотивните изјави на Стокман и неговата ќерка Петра од една страна и особено ирационалните, но правно многу опасни ставови на неговиот брат Петер Стокман од друга. Кристијане Џатахи врз текстот не наметнува ништо друго освен внатрешната автентичност. Во судницата се соочуваат обвинетиот и тужителот со снимки од потесното семејство, од семејството на неговата сопруга, а една од највпечатливите сцени е неговата расправија со сопругата Катерина, која дефинитивно го напушта својот „нетактичен“ сопруг поради тоа што не гледа понатамошна смисла на нивниот брак. Така, овој режисерски концепт импонира со својата суптилност и една тивка, но многу значајна кокетираност со реализмот, која е од големо значење. Токму тоа кокетирање отвора одлични актерски партии во кои предничи онаа на Томас Стокман на Вагнер Моура. Вагнер Моура игра скоро документаристички, со длабока емотивна вертикала, која ја дозира актерски вешто, држејќи се токму на автентичноста, која во неговото градење на овој лик го ослободува оној толку очекуван уникум од овој голем актер. Гледајќи го неговиот Томас Стокман имате впечаток дека Вагнер Моура го игра онака како што му налага неговата природа во еден натуралистички стил, со емотивна констелација, која се појавува егзактно и импресивно, со реторика чија сеопфатност одушевува најмногу затоа што Вагнер Моура ги одбрал своите поттексти многу органично, а и со став што во себе има една стаменост што го навела овој човек да тргне по патеките на искушението на совеста. Вагнер Моура, како голем филмски актер во оваа улога проговори и како фасцинантен театарски актер, градејќи улога чија впечатливост нема никогаш да избледи, улога што понесува со својата парадигматичност. Импресивна е и улогата на неговиот брат, гневниот и неприкосновен Петер Стокман во одличната изведба на Данило Грангеа, актер што импонираше со жестокоста на човек што заборава на генеалогијата кога се во прашање проблемите на градот, а секако и Хулија Бернат во улогата на Петра, ќерката на Томас Стокман, која блескаше со својата решителност и аргументираност, подготвена да го одбрани својот татко по секоја цена. Сите три улоги се движат по сечилото на емоцијата, но заедно со снимените делови каде што учествуваа важни личности и компоненти за судскиот процес создаваат компактно дело што ѝ дава една сосема друга димензија на класичната драма на Хенрик Ибзен. Кога велам друга димензија, мислам токму на гореспоменатата амбивалентност, која ја носи современото поимање на легалитетот на целиот случај опишан во класичниот драмски текст. Ововременскиот Стокман е „допрен глас“, а аспектот на народот не дава резултати. Секако, поротата е најважната компонента во ова современо читање и испишување на текстот за Томас Стокман. Потписникот на овие редови ја гледаше верзијата на фестивалот во Епидаурус, Грција, и во таа претстава поротата го прогласува Томас Стокман за невин, што измамува долг аплауз од публиката. Во ова видување, Кристијане Џатахи ја вовлекува публиката во претставата како сегмент што го одлучува крајот и тоа е легитимно и во некоја рака иновативно. Нејзиниот „Процес“ зборува токму за онаа заборавена нишка во секоја судска одлука, а тоа е – совеста. Да, ќе се согласиме, Јустиција е слепа, но и Стокман е сам, најсам во своето тврдење, а тоа е, би рекле еден вид конфронтирање со слепило при отворени очи. Тука, во оваа контрадикција многу важно се издигнува уште една реплика на Ибзен од устата на Стокман, а тоа е: „Се бунам против вековната лага дека мнозинството секогаш е во право“. Можеби токму оваа реченица води кон она кон што впрочем води и совеста, а тоа е – вистината. Хенрик Ибзен со сигурност живеел во време кога имало само една вистина и многу измами, затоа го напишал ова круцијално дело за светската драматика, но дваесет и првиот век, за жал, познава повеќе вистини и само една измама и нашата потпора во потрагата по совеста во многу наврати е бескорисна. Тоа е помислата што прелетува по одгледувањето на оваа многу длабока претстава со силна порака.
Претставата има исклучително едноставна визуализација со која режисерката сакала да им даде примат на актерската игра и на текстот. Овде ќе ги истакнеме особено реалистичните костими на Марина Франко, но и одлично изведеното видео на Хулио Паренте.
Враќајќи се кон актуелноста на текстот на Ибзен, но уште повеќе кон текстот на Моура и Џатахи, некако се обидуваме да не помислуваме на тоа дека видливите проблеми во општеството се, всушност, најневидливи и дека како луѓе стануваме нефункционални, дека нашиот елементарен живот станува предизвик самиот од себе и дека она што значи социјална и општествена дисторзија, всушност е болест што ја предизвикуваме самите на себе. Совеста на Стокман на Вагнер Моура е индигнација за општеството што упорно ги крие своите непријатели и ја уништува својата основна единка – човекот. Загадената вода што ја открива Стокман, за жал, ја има и кај Ибзен, и кај Кристијане Џатахи, но ја има опипливо, многу опипливо и овде, меѓу нас. А ние сме жедни за сензационалност додека стомачните болки стануваат примарни пред болката во душата.
































