Мартин Иванов, монтажер на „Приказната за Силјан“
- Кога работам на филм, не очекувам ништо од фестивалски аспект. Секогаш се надевам дека ќе направиме добар филм што ќе воспостави емоционален дијалог со публиката, но тоа нема никаква врска со фестивалскиот успех. Мојата радост кулминира откако ќе го завршиме филмот и кога нашите срца ќе бидат среќни од сработеното – како радост на деца по правење снешко, вели Иванов
Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска доби две номинации за 78. награди „Еми“, најпрестижните награди во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за наградите „Еми“, со што успехот на „Силјан“ добива историско значење не само за Македонија туку и за документарниот филм во регионот.
Филмот е номиниран во категоријата Исклучителна вредност во документарното филмско творештво, една од најзначајните документарни категории на наградите „Еми“, која препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност. Втората номинација е во категоријата Извонредна кинематографија за неиграна, односно документарна програма, признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Жан Дакар, која ја претвора интимната приказна за човекот, природата и за преживувањето во силно филмско искуство. Свеченото доделување на 78. награди „Еми“ ќе се одржи на 14 септември оваа година во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес, додека наградите во креативните категории ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.

Номинацијата за „Еми“ е историски успех за македонскиот документарен филм. Во светската конкуренција, каде што се натпреваруваат најголемите продукции, колку оваа номинација е потврда дека и со авторски пристап и трпение може да се создаде филм што комуницира универзално со публиката?
– Честа е огромна. Наградите „Еми“ се доделувани од Академијата за телевизиска уметност и науки и тие се сметаат за телевизиски еквивалент на „Оскарите“. Двете номинации потврдуваат дека филмот не само што остави силен впечаток на најзначајните светски филмски фестивали туку е препознаен и како дело што може рамноправно да се натпреварува со најдобрите телевизиски продукции во САД, во индустрија што со децении претставува репер за квалитет. Од огромниот број филмови што секоја година се разгледуваат за овие престижни признанија, особена чест е што токму „Силјан“ беше издвоен од страна на членовите на академијата и препознаен како едно од делата што заслужуваат номинации во категориите Исклучителни достигнувања во документарното филмско творештво и Извонредна кинематографија за документарна програма. Самото издвојување на филмот во толку силна конкуренција претставува значајно признание за неговиот квалитет и влијание. За помалку од една година од светската премиера на „Венецискиот филмски фестивал“, „Силјан“ прелета низ голем број меѓународни филмски фестивали, беше наградуван, а сега ќе има можност да се натпреварува и во најпрестижните телевизиски категории. За мене, номинациите претставуваат огромно признание и награди сами по себе.

Што мислите дека членовите на телевизиската академија препознале во „Приказната за Силјан“ за да ја вбројат меѓу најдобрите документарни остварувања годинава?
– Веројатно тоа што го препознаа и другите селектори на фестивалите каде што беше прикажан. Уникатниот филмски јазик на режисерката Тамара Котевска, посебноста на главните ликови, прекрасната кинематографија на Жан Дакар, како и автентичноста на основата врз која е изграден филмот – народната приказна за патувањето на Силјан, создаваат дело што успева да комуницира со различни луѓе и култури.
Како лично го доживувате успехот на „Силјан“, неговата доминација на интернационални фестивали и препознаеноста од „Нешнал џиографик“, очекувавте ли дека може да создаде такво ехо?
– Кога работам на филм не очекувам ништо од фестивалски аспект. Секогаш се надевам дека ќе направиме добар филм што ќе воспостави емоционален дијалог со публиката, но тоа нема никаква врска со фестивалскиот успех. Мојата радост кулминира откако ќе го завршиме филмот и кога нашите срца ќе бидат среќни од сработеното – како радост на деца по правење снешко. Веста за премиерата во Венеција дополнително ми ја зголеми радоста бидејќи тоа значеше дека филмот е препознаен од луѓе што не ја познаваат приказната за Силјан и дека на фестивалот ќе го видат луѓе од различни меридијани. „Венецискиот фестивал“ е посебен. Со неговата традиција од 1932 година до денес бил домаќин на безброј филмови што биле дел од мојата филмска наобразба. Да се учествува таму, и тоа со европска премиера, навистина е привилегија. Потоа следуваше и северноамериканската премиера на Филмскиот фестивал во Торонто, па радоста кулминираше со веста дека „Нешнал џиографик“ ќе го прикажува филмот на својата стриминг-платформа, што значеше уште поголема отвореност за филмот.

Соработката со Тамара веќе Ви е проверена. Дали и овој пат лесно се најдовте на фреквенција, ментално синхронизирани да се впуштите во маратонскиот начин на дејствување и размислување?
– Точно, за монтажа на долгометражен документарен филм се потребни огромно трпение и маратонски дух. И покрај обемниот материјал, чинам дека овој филм го сработивме лесно. Во голема мера тоа се должи на самата тема. И двајцата се „вративме дома“ и раскажувавме приказна од „нашиот двор“, од нашите емотивни вертикали. Слично како дејствувањето на Цепенков. Цепенков да имал камера ќе бил документарист. Неговата и нашата работа се сродни, собирање и овековечување на приказните од терен.
Одлуката за вадење кадри, сцени, е потешка за режисерот отколку за монтажерот. Како ѝ пристапивте на приказната овој пат, имавте ли јасна визија од самиот почеток или тоа се развиваше во процесот на монтирање?
– Сѐ би дал да имам некаков калкулатор што ќе пресметува колку одлуки на ден носиме додека монтираме филм и кои од тие одлуки остануваат на крајот или, пак, нѐ водат до некоја друга одлука, која ќе нѐ донесе до конечната одлука. Како решавање рубикова коцка со илјадници полиња по страна. Визијата за изгледот на филмот се работеше додека траеше целиот процес. Во голема мера работата ни ја олеснуваше снимателот Жан Дакар, кој будно ги бележеше случувањата со камерата. За неговата работа на филмот доби неколку награди и номинации и, секако, номинација за „Еми“ за Извонредна кинематографија за документарна програма.

Како монтажата помогна да се истакне главната порака на филмот?
– Секоја приказна може да се раскаже на безброј начини. Изворната „Силјан Штркот“ се занимава со дом, идентитет, однос меѓу родител и дете, покајание, носталгија. Сите овие елементи магично се содржани и во фактичките наративи на нашето секојдневие. Правењето филм е тимска игра и секој играч придонесува за филмот еднакво доколку капетанот на бродот – режисерот, има и дава јасни насоки за тоа каде треба да се плови.
Кој дел од монтажниот процес беше најпредизвикувачки за работа?
– Како и секогаш, предизвик е да се најде она што е вредно за приказната од речиси двесте часа снимен материјал и од него да се воспостави наративен баланс и филмска магија.
Сега, кога „Силјан“ процути, блесна во полн сјај, како Вие како монтажер ја доживувате реакцијата на публиката?
– Секогаш е прекрасно кога публиката реагира позитивно на нешто на што сте потрошиле речиси две години работа. Особено ме радува што добивме позитивни реакции од сите континенти, со што се потврдува интернационалната порака на нашиот Силјан.
































