Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изградба на дата-центрите, истакна дека светот ова ќе го развива и прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот ако сакаме да се развива државата, затоа Владата останува на оваа стратегија, но сè што се прави ќе биде јавно и транспарентно. Притоа додаде дека во моментот се преговара со 5-6 потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија.

– За она што го коментира опозицијата, претпоставам дека кај нив работи Фројд и мислат дека како тие што се однесуваа кон државата и кон граѓаните, лажејќи ги, ограбувајќи ги, понижувајќи ги, така и сите се однесуваат. Ние немаме намера како Влада, и тоа сме го покажале во овие 25-26 месеци, ништо нема да правиме под маса, вие добро знаете дека секоја странска инвестиција или инвестиција која е стратешка ја објавуваме јавно, транспарентно и тука нема никаква дилема – рече премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека она што во изминатите два-три дена се говори за дата-центрите како инженер се обидува да не го коментира бидејќи, како што рече, „она што го слушам претставува тотална невистина, незнаење, непознавање и понекогаш и се срамам што тие луѓе што ги испраќаат овие пораки имаат политичка тежина и водат политички партии“.

Според него, изградбата на дата-центрите е „неповратен процес“ и „ова е новата нафта“ и затоа, како што додаде, „ова е моментот што треба да го препознаеме ако сакаме да ја развиеме Македонија во богата европска држава“.

Премиерот се осврна и на иницијативата за дата-центар во Пехчево, која е, вели, приватна иницијатива, односно предлог на нацрт-урбанистичкиот план, со кој нема ништо државата.