Фото: Пиксабеј / Илустрација

На платформи за предвидување може да се вложуваат пари на прашања што досега тешко би се поврзале со обложување – дали експериментален лек ќе ги исполни целите на клиничко испитување или дали американската Агенција за храна и лекови ќе го одобри. Новиот тренд предизвика сериозна расправа за тоа дали ваквите пазари носат корисни информации или отвораат простор за инсајдерско тргување и етички проблеми, пишува Ен-пи-ар (NPR).

Платформата Калши во јули соопшти дека ќе овозможи обложување на исходи од доцни фази на клинички испитувања и на одлуки на американската Агенција за храна и лекови. Проектот се спроведува со компанијата Аплајд икс-ел, која анализира податоци од клинички испитувања. Договорите треба да се отвораат дури откако ќе заврши вклучувањето на пациенти во испитувањето, а резултатот ќе се утврдува според однапред определени јавни документи, како регистрираните главни цели на студијата или официјалната одлука на регулаторот, објави Ројтерс.

Меѓу првите понудени облози има прашања дали ќе бидат одобрени експериментални терапии за рак и дали лек за Алцхајмерова болест ќе ја постигне главната цел во доцна фаза на испитување. На Полимаркет веќе постојат и пазари на кои се вложуваат пари на тоа дали конкретни лекови ќе добијат одобрение до крајот на годината.

Поддржувачите тврдат дека цените на ваквите пазари можат да претставуваат дополнителен сигнал за веројатноста некој лек да успее, бидејќи повеќе луѓе вложуваат пари според информациите што ги имаат. Но токму тука се појавува и најголемата дилема. Истражувачи со кои разговарал Ен-пи-ар предупредуваат дека во клиничките испитувања се вклучени многу луѓе кои можат да имаат пристап до чувствителни информации пред јавноста, па не е едноставно да се спречи секоја можна злоупотреба.

Калши наведува дека ќе бара проверка на вработувањето на учесниците и ќе забрани тргување на лица што располагаат со материјални информации што не се јавно достапни. Сепак, критичарите прашуваат дали е етички некој финансиски да профитира ако експериментална терапија не успее. Џошуа Педерсон, татко на дете со рак, за Ен-пи-ар оценува дека ваквите платформи можат да ја оддалечат јавноста од вистинската цена на клиничките испитувања – пациентите што ги поднесуваат ризиците и неизвесноста.

Расправата веќе ја надминува медицината. На состанок на советодавен комитет на американската Комисија за тргување со стоковни фјучерси овој месец повторно биле отворени прашањата за инсајдерско тргување и манипулација на пазарите за предвидување. Со нивното ширење од спорт и избори кон здравството, клучното прашање сè повеќе станува каде треба да се повлече границата меѓу „предвидување“ и обложување на настани што директно влијаат врз човечки животи.