Фото: Стефан Рахил
  • Не се враќаме во Хераклеја за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука, велат од „Фолтин“

Пред 30 години, токму во Хераклеја, на сцена застана бенд што почнуваше да ја открива својата музика, себеси и публиката пред која за првпат настапуваше. На 29 август во 20 часот, три децении подоцна, „Фолтин“ повторно се враќа во Хераклеја, овој пат со големиот јубилеен концерт „Фолтин 30“, централен настан со кој бендот ја одбележува својата 30-годишна концертна приказна.
– Не се враќаме во Хераклеја за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука. Во изминатите три децении се менувале луѓето, музиката, градовите и сцените, но публиката останала константа. Токму затоа, „Фолтин 30“ не го доживуваме како своја прослава, туку како прослава на сите оние што во изминатите 30 години биле дел од приказната, од оние што биле на првиот концерт во Хераклеја до оние што можеби првпат ќе го слушнат „Фолтин“ токму на 29 август – велат од „Фолтин“.

Јубилејната вечер ќе донесе специјална концертна програма, гости и изненадувања, а „Фолтин“ најавуваат и песни што одамна не биле дел од нивните настапи.

– Ќе има луѓе што се важен дел од нашата приказна, песни што одамна не сме ги свиреле и моменти што сигурно нема да се повторат. А има и неколку работи за кои мислиме дека е подобро да не ги кажеме денес – додаваат од „Фолтин“.

На 29 август концертот нема да заврши со последната песна во Хераклеја. Од бендот информираат дека по концертот сите посетители се поканети на „Фолтин афтер“ во „Де Ниро кетеринг“ на Краварски пат, каде што прославата ќе продолжи со „скопско“ и „Де Ниро“.

Јубилејната приказна продолжува и преку „Фолтин лајф“, двојното винилно издание што „Фолтин“ го опишуваат како своја „звучна монографија“, концертната енергија преточена во траен аналоген запис. Винилот е снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје, на врвна аналогна опрема, а печатен во „Сони“ во Виена според највисоки стандарди за винил-продукција.

Концертот на „Фолтин“ е наедно и големото финале на годинашниот „Битфест“, во организација Културно-информативниот центар од Битола и Општина Битола.
Јубилејната година продолжува со низа музички, издавачки и други проекти преку кои бендот ќе ја одбележува својата тридецениска приказна.