Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не верува оти новиот врховен лидер на Иран, ајатолах Мојтаба Хамнеи, е мртов, туку дека е „многу сериозно ранет“, објави „Ју-ес тудеј“.
Изјавата ја даде во интервју со радио водителот Глен Бек на 26 август, реагирајќи на напис на „Д Атлантик“ (The Atlantic) во кој се наведува дека во Техеран кружат шпекулации за смртта на Хамнеи. Според тој медиум, неименувани извори блиски до иранската власт тврдат дека Хамнеи подлегнал на повредите добиени при нападите на САД и Израел во почетокот на војната со Иран.
– Не мислам дека е мртов. Тој беше многу сериозно ранет – левата страна од телото, раката, ногата, целата страна. Но не мислам дека е мртов – рече Трамп, додавајќи дека иранските преговарачи постојано се повикуваат на негово одобрување, што според него е доказ дека сè уште е жив.
Мојтаба Хамнеи (56) беше избран за врховен лидер на 8 март од Собранието на експерти, по убиството на неговиот татко, ајатолах Али Хамнеи, во првите удари на САД и Израел. Оттогаш тој не се појавил во јавност, ниту на погребот на својот татко, а нема ниту фотографии, видеа или аудио снимки од него.
Трамп во интервјуто изрази незадоволство од иранските преговарачи, нарекувајќи ги „не најчесна група“, и повтори дека САД ќе продолжат да вршат економски притисок врз Техеран. Министерот за финансии Скот Бесент неодамна најави нов пакет санкции.



































