СТАВ

Д-р спец. Наум Трпеноски

Македонија со години зборува за заминувањето на лекарите. Знаеме дека заминуваат. Знаеме каде заминуваат и, во голема мера, знаеме зошто заминуваат. Но многу поретко поставуваме две други прашања: што конкретно правиме за дел од тие лекари еден ден да се вратат и што правиме за оние што останале да имаат причина да продолжат да работат, инвестираат и создаваат во Македонија?

Не е доволно да апелираме на патриотизам. Лекар што изградил професионален и семеен живот во Германија, Швајцарија, Словенија, Австрија или во друга развиена земја нема да се врати само затоа што некој ќе му каже дека ѝ е потребен на татковината.

Но исто така не смееме да создадеме систем во кој лекарот што заминал ќе биде привилегиран во однос на неговиот колега што останал во Македонија, работел, плаќал даноци, вработувал и инвестирал тука. Затоа ни е потребна политика со две цели: да создадеме причина лекарите да се вратат, но истовремено и причина лекарите што се тука да останат и да инвестираат.

Од „одлив на мозоци“ кон враќање на стручните кадри (од „brain drain“ кон „brain regain“)

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интересен пример во нашето непосредно соседство е Грција. По големата економска криза, стотици илјади млади и високообразовани Грци ја напуштија земјата. Наместо трајно да се помири со тоа, Грција започна политика на таканаречен „brain regain“ – обид да врати дел од луѓето што заминале.

Една од најпознатите мерки е даночната стимулација. За лицата што ги исполнуваат условите за враќање, 50 проценти од приходот од работа или деловна активност се ослободува од данок во период од седум години.

Но даночната мерка сама по себе не е доволна. Преку „ReBrain Greece“, професионалците што живеат во странство се поврзуваат со конкретни работни места и работодавци во Грција. Се организираат настани во земјите каде што живее голема грчка дијаспора, а целта е враќањето да престане да биде само емотивна одлука и да стане реална професионална и економска можност.

Токму тоа треба да го разбереме и ние. Ако сакаме луѓето да се вратат, мора да им дадеме реална причина да се вратат.

Посебна програма за враќање на медицинскиот кадар

Македонија треба да воспостави национална програма за враќање на лекарите и другите дефицитарни здравствени професионалци. Целта не треба да биде да ги вратиме сите што заминале. Тоа ниту е можно ниту е реално. Но ако во следните години успееме да вратиме дел од искусните специјалисти, особено во областите каде што недостига кадар, тоа би било значаен успех.

За лекарите што определен број години живееле и работеле во странство може да се предвидат временски ограничени даночни олеснувања при враќањето. Може да се размислува и за привремено намалување или субвенционирање на дел од придонесите во првите години по нивното враќање. Тоа не треба да биде трајна привилегија. Треба да биде стимулација за донесување одлука за враќање.

Ако лекарот остане во странство, Македонија од неговата работа не добива ниту даноци, ниту придонеси, ниту неговото знаење. Ако се врати, тој повторно станува дел од македонската економија и од македонското здравство.

Затоа привремената стимулација треба да ја гледаме како инвестиција во враќање на човечкиот капитал.

Брзо признавање на квалификациите

Една од првите работи што треба да ги направиме е да ја поедноставиме професионалната реинтеграција. Македонски специјалист што десет или петнаесет години успешно работи во развиен европски здравствен систем не треба по враќањето со месеци да оди од институција до институција за да докажува дека е квалификуван за својата професија.

Секако дека документите, специјализацијата и професионалниот статус мора да бидат проверени. Но постапката треба да биде јасна, дигитализирана и временски ограничена. Државата треба да му каже на лекарот уште пред да се врати кои документи му се потребни и во кој рок ќе може да започне да работи.

Работно место пред авионски билет

Македонија треба да создаде единствена дигитална платформа преку која јавните и приватните здравствени установи ќе ги објавуваат своите потреби од медицински кадар. Лекарот што живее во странство треба уште од таму да може да види каде е потребен, какви услови му се нудат, каква е платата, кои процедури треба да ги заврши и какви стимулации може да добие доколку се врати.

Особено треба да се стимулира враќањето во регионите каде што недостигаат одредени специјалности. На тој начин истовремено би влијаеле и врз уште еден голем проблем – нерамномерната распределба на медицинскиот кадар меѓу Скопје и преостанатиот дел од државата.

Не мора секој веднаш трајно да се врати

Треба да бидеме реални. Професор или хирург што дваесет години работи во странство можеби нема веднаш да го затвори својот професионален и семеен живот таму. Но можеби е подготвен периодично да доаѓа во Македонија. Да оперира. Да прегледува пациенти. Да обучува помлади колеги. Да воведе нова медицинска процедура. Да учествува преку телемедицина во решавањето сложени случаи. И тоа е форма на враќање.

Не секогаш мора прво да го вратиме човекот. Понекогаш можеме прво да го вратиме неговото знаење. А таквата соработка еден ден може да стане и пат кон трајно враќање.

Лекарот не мора да се врати само како вработен

Ова е делот што често го забораваме. По десет или петнаесет години работа во Германија, Швајцарија, Словенија или друга развиена земја, лекарот можеби повеќе не размислува само каде ќе се вработи. Можеби сака да создаде нешто свое. Со себе може да донесе знаење, професионални стандарди, организациско искуство, контакти, технологија и сопствен капитал.

Затоа пораката не треба да биде само: „Врати се, ќе ти најдеме работа“. Треба да биде и: „Врати се, инвестирај го знаењето што си го стекнал и создај нешто свое“.
Но токму тука политиката за враќање на дијаспората се судира со едно многу пошироко прашање – условите за инвестирање во македонското здравство.

И тука правилата мора да бидат исти за сите

Ако ги олесниме условите за лекарите што се враќаат од странство, а ги оставиме старите административни бариери за лекарите што цело време работеле во Македонија, ќе создадеме нова неправда. Тоа не смее да се случи.

Лекарот што останал во Македонија, со години плаќал даноци, вработувал луѓе и инвестирал во сопствената професија не смее да биде ставен во понеповолна положба од оној што се враќа.

Затоа мора јасно да разграничиме две работи. Специфичните мерки за враќање можат да бидат привремени и наменети за повратниците. Но реформите на здравствениот систем мора да важат еднакво за сите. И за лекарот што се враќа од Германија. И за лекарот што никогаш не заминал од Македонија.

Време е да ја воведеме дневната болница како самостојна здравствена установа

Современата медицина значително се промени. Голем број хируршки интервенции за кои некогаш пациентот останувал во болница неколку дена, денес се изведуваат во текот на еден ден. Пациентот доаѓа, се подготвува, се оперира, останува определено време под медицински надзор и истиот ден си оди дома. Тоа е особено изразено во офталмологијата, но слични модели постојат и во ортопедијата, ОРЛ, урологијата, гинекологијата, пластичната хирургија и во други области.

Затоа Македонија треба јасно да ја препознае дневната болница како самостоен вид здравствена установа, со сопствени нормативи за кадар, простор и опрема. Не како намалена верзија на голема стационарна болница. Туку како посебен, современ и економски одржлив модел на здравствена организација.

(продолжува)

Авторот е специјалист по офталмологија, доктор на медицински науки и магистер по здравствен менаџмент