Вчера по 13-ти пат во Прилеп, во организација на Детската амбасада за сите деца во светот, се одржа божиќен ручек. Петстотини деца се дружеа на свечениот ручек, прославувајќи го Христовото раѓање.

Оваа година, по десетти пат, на прославата на Детската амбасада за сите деца во светот беше доделено престижното признание за општествена одговорност – Орденот за носител на мирот му беше врачен на Живко Мукаетов.

Заедничката трпеза ја поделија деца од различни целни групи, како и истакнати деца членови на Детската амбасада од Прилеп, од Скопје, Штип, Тетово, Крушево, Демир Капија, Струмица и од другите градови во земјава. Манифестацијата се одржа под мотото „Едно небо за сите деца“.

На децата им беа поделени пакетчиња од локалната самоуправа, а божиќниот ручек го благослови и владиката Петар. За збогатување на свеченоста се погрижија танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп и Марија Костоска. А, како и секој Божиќ, за уште повесела забава придонес даде и пејачот Христијан Тодороски.
И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, им беа доделени плакети и на повеќемина други пријатели на децата.