ФЕЉТОН „ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
м-р Никола Ристевски
Историјата на македонскиот народ од крајот на 19 век изобилува со повеќе конкретни личности, кои, зависно од својата активност, помалку или повеќе оставиле белег во времето во кое битисувале. Еден од најголемите учесници во македонската борба за слобода и човечки правдини несомнено е револуционерот идеолог, публицист и филолог Петар Поп Арсов од Богомила (1868-1941).
Поп Арсов бил еден од основачите на „Младата македонска книжовна дружина“ и уредник на списанието „Лоза“, се вброил меѓу шестемина Македонци основоположници на Македонската револуционерна организација и нему му припаднала честа да го подготви првиот устав на Организацијата и по налог од неа да го создаде легендарното дело „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Петар Поп Арсов ја поттикнал на идејата за отворање Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет и бил поборник за независна македонска црква. Несомнено бил убеден во можноста за постоење на самостојна и независна Македонија како рамноправен фактор на Балканот и бил огорчен противник на нејзината делба и пропагандите.
Во крајниот југозападен дел на велешката околија се наоѓа област Азот, која во втората половина на претставувала посебна административно-управна единица во рамките на Велешката каза, со посебен нахиски центар во селото Богомила. Според записите, поголемиот дел од населението во Азот биле Брсјаци, додека мијачки биле само селата Папрадиште и Ореше, само во неколку села живееле исламизирани Македонци, а во селото Согле плански биле населени Арнаути. Во оваа стара лулка на богомилството, во август 1868 во семејството на свештеникот Илија и Суна Поп Арсови се родил нивниот втор син Петар. Семејството Поп Арсови било во постојана служба на народот, а по нивна иницијатива токму во годината кога се родил Петар, во Богомила било отворено четиригодишно основно училиште, во кое се предавало на народен македонски јазик, кое било изградено со заеднички средства од селаните. Во текот на детството сведочел за предаденоста на семејството на развојот на црковно-училишното дело. Во Богомила, Петар се стекнува и со своето основно образование, кое траело од 1877/78 до 1880/81 учебна година, во Богомила бил до својата тринаесетта година и секако дека бил во позиција да го разбере неподносливиот живот на народот под ропство, но и слободарските стремежи на народот изразени преку разновидни форми на отпор, вклучувајќи го и оружениот, кој бил насочен кон официјалната османлиска власт и против разбојничките арнаутски банди. Тоа го препознаваме како трага од неговото детство и во неговиот прозен расказ „На Мокров“, кој го објавил во списанието „Лоза“. По завршување на основното образование, бил запишан во велешката нижа гимназија, која била финансирана од Велешката црковно-училишна општина, во години кога велешкото граѓанство било доста организирано и во период што следувал по успешната борба со Цариградската патријаршија – во 1868 била отфрлена нејзината јурисдикција. Во 70-тите години на XIX век дошло до обединување на двете општини во една Велешка црковно-училишна општина, која ги презела сите ингеренции од црковно-училиштен и општествен карактер, дејствувајќи сосема самостојно и врз принципите од црковното и обичајното право. Во отсуство на самостојна македонска држава и црква тие општини претставувале „еден вид неофицијален народен парламент“ како што ги нарекол и самиот Петар Поп Арсов, преку кои народот го „закрепнувал и зачувал стариот словенски демократски дух“. Сепак историјата, како и многу пати дотогаш и потоа, не била наклонета на Македонците (види – текстови за Пулевски од првиот дел на овој фељтон). Според членот 10 од султанскиот ферман од 28.02.1870 год. за основањето на Егзархијата, таа под своја јурисдикција ја добила Велешката епархија.
Согледувајќи го значењето на општините, Егзархијата како предводници се обидувала да поставува луѓе што ќе ги бранат и ќе ги споделуваат големобугарските интереси во Македонија. Бугарската егзархија во текот на учебната 1882/83 учебна кога Петар бил во вториот клас, успеала под своја контрола да ги постави сите училишта во Велес, а според Егзархискиот правилник за училиштата, со нив управувал главен учител или директор над кого била спроведувана контрола од претседателот на општината, кој бил должен да доставува редовни тримесечни извештаи до Егзархијата и годишен отчет за сета работа. Во прилог на Егзархијата бил и економскиот колапс што ја зафатил Османлиската Империја во тоа време, а со тоа и градот Велес, кој со целиот регион претрпел огромни промени по пуштањето во промет на железничката пруга Солун-Скопје во 1873, кога почнале да се продаваат евтини стоки од Европа, што довело до слабеење и пропаѓање на велешките занаетчии, кои не можеле да издржат пред промените на времето и силната конкуренција. Сета оваа состојба се одразила врз приходите на општините, кои веќе не биле во состојба сами да ги плаќаат своите учители, а во прашање дошла дури и работата на класното училиште, кое најдлабоката криза ја преживеало во периодот од 1878 до 1882 год. Општата состојба вешто била искористена од Егзархијата, која успеала да воспостави целосна контрола над училиштето. Токму тоа се годините од кои датираат и првите борби на свесното и будно велешко граѓанство и интелигенција против мешањето на Егзархијата во нивните општински работи. Во такви времиња, во учебната 1883/84 год. Поп Арсов го завршил трикласното нижо гимназиско образование, а многу е веројатно дека антиегзархиското движење што тогаш се зародило во Велес оставило голема трага во неговиот развој, бидејќи подоцна станал нејзин најголем критичар и противник на нејзината денационализаторска и асимилаторска политика во Македонија.
(продолжува)


































