Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот на Македонија – Велес

Годинашното издание на Меѓународниот стрип-салон и традиционалната стрип-колонија, организирани од Стрип-центарот на Македонија (СЦМ-Велес), обележи историски успех, односно бран пријавени дела на меѓународниот конкурс. Традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ привлече огромен број уметнички трудови, соборувајќи ги сите досегашни рекорди. Како што ни сподели Томе Трајков од организацискиот тим, годинава нивните пријави многукратно се надминати од лани (497), со што конкурсот го достигнува својот историски врв по масовност на пријавени уметници од целиот свет.

Годинава Меѓународниот конкурс „Златен стрип“ бележи историски рекорд со речиси 500 пријавени автори од целиот свет. Што, според вас, најмногу придонесе за овој голем интерес?
– Наместо ланскиот рекорден број на примени стрипови од 396 автори, годинава нивните пријави се многукратно надминати и ја достигнаа оваа импозантна бројка. Овој голем интерес е јасен показател дека Велес сè поцврсто е на глобалната стрип-мапа. Едноставно, главна причина претставува тоа дека имаме полн „тефтер на контакти“, односно соработката на меѓународно (организации, автори) и национално ниво (училишта, студија, асоцијации и автори) континуирано се шири! Големиот интерес се должи и на фактот што велешкиот стрип-салон јасно го истакнува чистиот стрип како култура по себе, која и самата во себе содржи повеќе култури, социјални пораки и уметнички светови. Иако има меѓународен тренд на ваквите манифестации да се додаваат други слични содржини, едноставно на прво и единствено место ние го славиме стрипот. Овие вредности ги негуваме доследно повеќе од две децении, со поддршка од Министерството за култура и од Општина Велес.

Дали годинава забележавте одредени теми, мотиви, авторски пристапи што ги обединуваат современите стрип-автори без разлика од каде доаѓаат?
– Конкурсот има исклучително силен глобален карактер, масовно учествуваат автори од балканските држави, но и од далечната Азија, Полска, па до Нигерија. Додека модерната поп-културна сцена често се потпира на брзи технолошки трендови, кај пристигнатите дела се забележува силна доследност на чистите уметнички вредности. Впечатокот на стручната интернационална комисија е дека современите автори, без разлика од кој континент доаѓаат, остануваат обединети околу суштината на деветтата уметност – моќта на линијата исцртана со туш, тежината на доброто сценарио и автентичниот допир на хартијата, креирајќи универзални социјални пораки и нови визуелни приказни и цртежи без никакви современи дигитални филтри.

Како ја оценувате актуелната состојба на домашната стрип-сцена и дали се создава нова генерација на автори што може рамноправно да се носи со светската конкуренција?
– Годинава апсолутно доминираат стрипови од македонски автори од разни генерации и градови, што ги потврдува домашната уметничка сила и силниот континуитет на нашата сцена. Особено радува фактот што е забележан масовен и потврден одзив од наши млади автори, ученици и независни ликовни студија низ државата. Овој голем интерес е јасен доказ дека деветтата уметност во земјава има сигурна и светла иднина и дека веќе се создава нова, талентирана генерација на автори, која преку своите вештини може целосно рамноправно да се носи со светската конкуренција.

Меѓународниот стрип-салон е место за размена на идеи, искуства и соработки. Колку овие средби влијаат врз развојот на авторите од македонската стрип-сцена?
– Овие средби се клучни бидејќи овозможуваат уметничката енергија да се пренесе директно преку творештво во живо и преку меѓусебни контакти. Оваа година Меѓународната стрип-колонија, која се одржува од 20 до 23 август, носи еден сосема уникатен концепт на поврзување – учесници ќе бидат исклучиво жени-автори што доаѓаат од Србија, Хрватска, Романија, Бугарија и, се разбира, домаќинот Македонија, со што се создава моќна балканска женска уметничка соработка. Ваквиот тип на интернационална размена на искуства, каде што автори од различни меридијани работат рамо до рамо, има непроценливо влијание врз нивниот личен уметнички развој и директно ја отвора македонската сцена кон светот.

По сите овие години континуирана работа, кои се следните предизвици и амбиции на Стрип-центарот на Македонија?
– Покрај одржувањето на овој висок меѓународен ранг на Салонот, наш траен предизвик остануваат континуираното откривање нови автори, едукацијата и доследното етаблирање на стрипот како рамноправна визуелна уметност во државата. Наша заложба и голема амбиција е уште поголема валоризација на она што Велес веќе го поседува како трајно културно богатство. Посетителите на нашиот град, освен директните стрип-контакти со авторите за време на Салонот, во текот на целата година можат да ги видат специфичните стрип-мурали нацртани на велешките улици, како и да се запознаат со нашата богата стрип-библиотека, која има околу 10.000 наслови, од кои некои се исклучително ретки во глобални рамки. Ова е само мал придонес во валоризација на културата во креативната индустрија.