На Македонија ѝ се потребни сериозни реформи. И Македонија е исправена пред нив. Реформската неопходност ја знаат, одобруваат и прифаќаат апсолутно сите општествени чинители во Македонија. И ако тоа е факт, тогаш барањето за предвремени избори во овој момент – не е решение. Тоа е бегство од решенијата. И уште полошо, тоа е легална политичка саботажа на реформскиот процес.
„Коалиција на подготвените“
Деновиве повторно ја слушаме истата политичка реторика: Ајде на избори!
Власта вели дека е подготвена. Опозицијата вели дека е подготвена. Еден дел од опозицијата бара изборите да почнат веднаш. Партнерите во Владата велат дека и тие се подготвени. Сите се подготвени за избори. А кој е подготвен за работа?! Тоа е прашањето што треба да го поставиме. Зашто Македонија во овој момент нема недостиг од политички мандат. Можеби има дефицит од спроведени реформи, функционални институции, професионална администрација, владеење на правото, економска предвидливост и сериозна политичка одговорност.
Последните парламентарни избори беа во мај 2024 година. Од нив произлегоа парламентарно мнозинство и влада со јасен мандат во полн капацитет. Тој мандат не истекол. Затоа, повикувањето на предвремени избори не може сериозно да се претставува како некаква демократска нужност. Тоа е факултативна политичка опција. А кога е политичка опција, тогаш мора да се потпраша кому му требаат предвремени избори и зошто токму сега.
Изборите не се реформа
Изборите се најважниот демократски инструмент за потврда или промена на власта. Но токму затоа не треба да се претвораат во политички изговор за избегнување на работењето/работата.
Изборите не градат функционални институции. Изборите не ја професионализираат администрацијата. Изборите не ги спроведуваат законите. Изборите не ја подобруваат ефикасноста на судството. Изборите не ги решаваат европските интеграциски предизвици. Изборите не создаваат економски раст. Изборите не го намалуваат партиското влијание врз институциите.
Изборите само го прекинуваат плански поставениот процес на владината програма што добила граѓански мандат за општествена апликација, при што изборите го враќаат политичкиот замаец во режим на кампања. А кампањата, по дефиниција, е време кога политичките партии повеќе се занимаваат едни со други отколку со државата и потребите на граѓаните и стопанството.
Предвремените избори се најскапата „политичка пауза“
Предвремените избори имаат цена што не се мери само во милиони и милиони денари потрошени за изборниот процес. Цената е многу поголема. Тоа се месеци потрошени на партиски митинзи, прес-конференции, меѓусебни обвинувања, анкети, коалициски калкулации и политички пазарења. Тоа е период на „возење во политичко-економски лер“, период во кој реформите забавуваат или целосно се ставаат во втор план. Тоа се потрошени ресурси на државата што можеле да бидат употребени за нешто продуктивно. И тоа е најлошиот можен луксуз за држава што и без тоа со години чувствува дека нема доволно време, пари, човечки ресурси и институционален капацитет.
Во Македонија секој изборен циклус дополнително го парализира административниот апарат. Зошто? Затоа што администрацијата сè уште не е доволно професионализирана и независна од политиката. Партиите сè уште имаат огромно влијание врз институциите. Во такви услови, кога ќе почне изборниот циклус, голем дел од административниот државно-управен систем влегува во хибернација и исчекување: Кој ќе победи? Кој ќе биде министер? Кој ќе стане директор? Кој ќе биде назначен, а кој ќе биде сменет? Кој ќе стане дел од новото мнозинство? И додека администрацијата ги следи политичките сигнали, државата стои.
Легалноста на изборите не ја анулира политичката неодговорност
Меѓунасловот содржи и еден апсурд. Не зборуваме за нешто незаконско. Напротив. Предвремени избори се легитимен демократски инструмент кога за тоа постојат политички и институционални услови. Но нешто може да биде легално, а сепак политички неодговорно. И тоа е суштината на оваа опсервација.
Ако една политичка сила бара избори не затоа што државата навистина влегла во институционален ќор-сокак, туку затоа што смета дека моментот ѝ одговара, тогаш изборите се претвораат од демократски механизам во политички инструмент. Во инструмент за општествена опструкција. Од државните реформи, кон партиите. Од резултатите кон рејтинзите. Од одговорноста кон ветувањата. Од државата кон кампањата.
Кој кому му покажува мускули, кој од кого се плаши?
Има нешто длабоко нелогично во актуелната политичка ситуација. Власта тврди дека има мандат. Опозицијата тврди дека е подготвена за избори. Некои опозициски партии бараат избори. Коалициските партнери велат дека не се плашат од избори. Јавноста и граѓаните не се иницијатор на идејата за предвремени парламентарни избори. Нема анкети што го мерат општествениот пулс или дијагностицираат дека функционираат или не функционираат нештата во општествените текови, а ретки се и анализите за рејтинзите. Тогаш, зошто воопшто изборите да бидат централната тема? Ако сите се толку уверени во својата политичка сила, нека ја покажат преку резултати. Власта нека покаже дека може да ги испорача реформите за кои доби мандат. Опозицијата нека покаже дека може да понуди подобра политика наместо само надеж за подобар изборен резултат. Партиите што бараат нов мандат нека објаснат што точно ќе направат со него што не можат да го направат во рамките на постојниот институционален поредок. Затоа што граѓаните не гласаат за да им дадат уште еден мандат на политичарите да објаснуваат зошто претходниот не бил доволен.
Најлесно е да се оди по линија на помал отпор
Тогаш, кои се причините да се оди на предвремени избори? И дали воопшто има некои рационални причини? Предвремени избори би го продлабочиле токму она што Македонија треба да го намалува: партискиот, етничкиот, конфесионалниот, социјалниот антагонизам… Тоа е речиси неизбежно. Изборните кампањи кај нас ретко се натпревар во политички програми и визии. Многу почесто се натпревар во вербални пресметки. Наши против нивни. Сини против црвени. Македонци против Албанци. Муслимани спроти христијани. Власт против опозиција. Едни против други. Во општество што и онака постојано некој однадвор се труди да го поларизира, секој дополнителен вонреден изборен циклус носи ризик од уште подлабоки поделби. А држава со длабоки поделби и слаби институции е најлошата можна комбинација за спроведување тешки реформи.
Европскиот пат не се освојува со изборни митинзи
Македонија нема бесконечно време за политички експерименти. Европската агенда бара работа. Бара функционални институции. Бара политичка стабилност. Бара реформи во правосудството, усогласување на законодавството, административен капацитет и континуитет. Не бара секоја година нова политичко-изборна трка. Доколку навистина постои убедување дека државата е заглавена, тогаш треба да се каже точно каде е заглавена и која институционална пречка не може да се надмине. Ако Владата има мнозинство, нејзината работа е да владее. Ако опозицијата има аргументи, нејзината работа е да биде коректив, да критикува, но и да понуди алтернатива. Предвремените избори се следен чекор само кога институционалниот процес навистина не може да продолжи. Не кога политичкиот календар некому му изгледа попогодно. На крајот на краиштата, најважно е што мислат граѓаните. А граѓаните со години слушаат исти ветувања: реформи, Европа, подобро образование, подобро здравство, професионална администрација, правна држава, борба против корупцијата, подобра економија. И сега пак вонредно да слушаат исто такво нешто?! Затоа што, рака на срце, изборите природно се – за давање ветувања. Она за што навистина треба да инсистираме е, поаѓајќи секој од себе, да се загнеме да работиме и да испорачаме мерливи и видливи резултати. А не да се избираме…
Општествениот развиток се мери со резултати, не со изборни циклуси
На Македонија не ѝ треба ново вонредно политичко ресетирање само затоа што некој повторно почувствувал изборен апетит. На Македонија ѝ треба политичка зрелост. А политичката зрелост значи да се разбере дека мандатот не е награда, туку обврска. Власта не добила четири години за да оди по желбите на оние што го изгубиле мандатот поради лоши резултати или лоша политичка програма. Добила четири години за да испорача. Опозицијата не постои за да го скратува мандатот секогаш кога проценува дека може да профитира. Таа постои за да биде коректив и алтернатива. А таа во моментот не е тоа и го нема тоа. Само пресконференциски блефира. А граѓаните не треба да бидат повикувани на гласање секогаш кога политичките партии сакаат да ја проверат својата популарност. Изборите се врвниот демократски механизам. Токму затоа не смеат да станат политичка играчка. Во држава со кревок реформски капацитет, предвремените избори не се невина политичка пауза. Тие можат да бидат инструментализирани во легална ПОЛИТИЧКА САБОТАЖА. Законски дозволено запирање на процесот што со години се обидуваме да го придвижиме. И затоа вистинското прашање денес не е кој ќе победи на предвремените избори, туку што точно ќе изгуби Македонија ако уште еднаш го прекине реформскиот процес заради изборна пресметка. Одговорот е непријатно едноставен: време, пари, институционална енергија, политичка стабилност и уште една шанса да се направи она што одамна требаше да биде направено. А тоа е премногу висока цена за уште една изборна кампања.
И на крајот едно мало потсетување. Наредните избори, какви и да се, ќе бидат последни според механизмот на Прибе – со сто дена техничка влада и сѐ што оди во пакет со тоа. П.Р.




































