Вкупно 43 случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, а првите случаи се регистрирани и во општините Центар и Чаир, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски, пренесе МИА.
Тој посочи дека во скопскиот регион се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се категоризирани како високоризични.
Клековски информираше и дека во Скопје е пронајдена првата угината птица – гавран, кај која е потврдена западнонилска треска. Угинатите птици ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според министерот, ризичноста се утврдува врз основа на два критериума – застој на водата и високо ниво на органска материја. Како високоризични подрачја ги посочи каналите за наводнување во Скопско Поле.
-Река која е проточна, која има риби во неа, сама по себе не е ризик. Бидејќи штом водата е проточна, ризикот од ларви е помал, а ако има жив свет, риби, нема многу органска материја и распадни материи, а и рибите се хранат со ларви. Водата треба да е застоена и да има отпад во неа. Примери за високоризични води се генерално каналите за наводнување во Скопско Поле. Серава е дел од проблемот во Арачиново и Бутел, каналите во Илинден, Стајковци и Сингелиќ во Гази Баба, главниот канал во Илинден на Скопско Поле, каналите во Драчево, Батинци и Студеничани – истакна Клековски.
Како високоризични подрачја ги посочи и местата со голем број септички јами.
-Улиците и населените места со голем број септички јами влегуваат во висок ризик. Гробиштата се ризични поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив. Третата група се отпадите од стари гуми. Старите гуми и отпадите од стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците – додаде министерот.
Клековски нагласи дека покрај поголемите и видливи ризични подрачја, ризик може да претставуваат и секојдневни ситуации, како расипани хидранти, скршени јавни чешми, саксии со цвеќе што се чуваат на отворено и стари буриња во кои се задржува дождовница.
Според него, правилното наводнување, односно прскањето на парковите, не претставува ризик. Сепак, доколку се остави црево и дојде до поплавување на одредено подрачје, може да се создадат услови погодни за размножување на комарците.


































