Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, може повторно да биде отворен доколку се појават нови докази, пренесе МИА.
Коментарот следува откако вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека по извршените проверки и анализата на документацијата не се утврдени основи на сомнение за кривично дело во врска со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници.
Мицкоски оцени дека одлуката на обвинителството е скандалозна, нагласувајќи дека случајот трае пет години и дека во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 луѓе.
-Ова е процес што трае веќе пет години, процес што изминативе пет години околу себе мобилизираше разни информации, но она што е исто така значајно да се напомене е дека во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово. За жал, обвинителот кој е во заминување, колку што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во ОЈО ГОКК и, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува до крај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе и одлучува овој процес да го стопира – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека одлуката не значи дека случајот засекогаш е затворен, бидејќи, како што рече, во иднина може да се појават нови докази или детали.
-Сакам јавноста да знае дека ова не е политичка амнестија „на тој обвинител кон поранешните негови наредбодавци“, бидејќи секогаш може да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може да стане актуелен и да почне од почеток – изјави Мицкоски.
Тој ја коментираше и реакцијата на опозицијата, која, според него, сега ги пофалува правосудните органи, иако претходно ги критикувала.
ОЈО ГОКК вчера соопшти дека по извршените проверки и анализата на прибраната документација не постојат основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност во врска со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници.
Предметот бил оформен на 10 септември 2021 година по иницијатива на ОЈО ГОКК, со цел да се провери документацијата поврзана со набавката и да се утврди дали при нејзиното спроведување постојат елементи на кривично дело.


































