Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Северна Македонија ова лето успешно се справува со пожарите, особено имајќи ги предвид пожарите што ја зафатија Европа и регионот, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп, Мицкоски посочи дека трите воздухоплови „ер трактори“ годинава биле навреме сервисирани и подготвени за интервенции.

-Во 2024 година, во јуни, сите три воздухоплови, или познати во јавноста како „ер трактори“, беа приземјени без да биде направен соодветен ремонт на време. Оваа година ремонтот на овие три воздухоплови беше направен и завршен и тие беа на писта во мај месец. Значи, беа целосно подготвени за да интервенираат онаму каде што има криза – рече Мицкоски.

Тој потсети и дека минатата година, во соработка со Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, биле пренаменети одредени воени возила за потребите на справувањето со пожарите.

Како што објасни премиерот, возилата познати како „пинцгауери“, „хермелини“ и „БТР-и“ биле опремени со резервоари за вода и можат да се користат при гасење пожари.

-Информиран сум дека седум такви беа користени изминативе денови со кои се справувавме со пожарната стихија тука во Прилеп и Прилепско – изјави Мицкоски.

Премиерот посочи и дека годинава во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување биле ангажирани 300 доброволци со договори за работа на определено време, како дел од проектот на ДЗС.

Според Мицкоски, ваков начин на ангажирање досега не бил применуван.

-Ако оваа година се спореди со она што се случуваше во Европа, пожарите коишто беа во Франција, во Шпанија, во соседна Грција, Хрватска, Црна Гора, Турција, соседна Србија, сметам дека ние како држава се справивме најдобро досега – потенцираше Мицкоски.