Изградбата на автопатот Прилеп–Битола се одвива со добра динамика, а првите целосно завршени километри се очекува да бидат пуштени во употреба следната година, информираше денеска потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.
Николоски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски е во посета на Општина Прилеп, рече дека во текот на летото работите се одвиваат според очекувањата.
-Во текот на летово имаме добри бројки и добра динамика. Вчера имавме работен состанок и очекувам веќе следната година да има доста добри вести – изјави Николоски.
Тој посочи дека крајниот рок за завршување на целиот автопат останува крајот на 2029 година, но очекува првите километри да бидат целосно завршени и пуштени во употреба уште следната година.
Станува збор за автопатска делница во должина од 40 километри, која е дел од пакетот автопатски делници на коридорите 8 и 10д, што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Вицепремиерот Николоски ја истакна и поддршката што Владата ја обезбедува за Општина Прилеп, наведувајќи дека преку програмите на Министерството за транспорт се инвестираат вкупно 9,5 милиони евра.
-Преку првиот повик се одвоени три милиони евра, во вториот 4,5 милиони, имаме и програма со Светска банка од 350.000 евра – рече Николоски.
Тој посочи дека Владата обезбедува средства и за социјално загрозените граѓани. За изградба на зграда со социјални станови се издвоени 1,5 милиони евра преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.
Според Николоски, зградата треба да биде завршена до крајот на годинава, а становите да бидат доделени до пролет.
-Ќе работиме со градоначалникот и на нови проекти – додаде Николоски.

































