Повод: Превирањата во албанскиот политички кампус во Македонија
Она што денес изгледа како уште една епизода од бескрајните пресметки во ДУИ можеби воопшто не е само партиска пресметка. Ахмети, Груби и Османи се имињата на актуелниот конфликт, но вистинската приказна всушност е многу поширока.
Што се случува?
Дали во албанскиот политички блок на Балканот започнува промена на генерацијата, на политичкиот модел и, пред сè, на геостратегиската функција на старите структури? Токму затоа, расколот во ДУИ не треба автоматски да се чита како борба за наследството на Али Ахмети. Можно е Ахмети и неговиот круг да се соочуваат со нешто многу посериозно – со истекот на политичкиот рок на моделот што го претставуваат.
Во врска со актуелниот конфликт на до скоро доминантната партија во албанскиот кампус, односно ДУИ, симптоматично е што конфликтот се концентрира околу прашањето за тоа кој ќе биде наследникот, а не околу прашањето дали досегашниот нивен политички концепт воопшто има иднина.
Натаму… Во јавноста се судираат имиња и кланови, но зад нив тивко извира едно суштинско прашање. Дали Вашингтон и западните центри на моќ сè уште имаат потреба од истите албански политички посредници преку кои во деведесеттите и во првата деценија на новиот век ги остваруваа своите балкански цели?
Внатрепартиската интрига е само врвот на (гео)политичката санта мраз
Всушност, во горното прашање за „(не)потребата на Западот од истите албански политички маши за Балканот“ се крие одговорот што може да ја објасни сегашната турбуленција во ДУИ, многу подобро од секоја внатрепартиска интрига.
Всушност, Вашингтон одамна не е истиот Вашингтон од времето кога вооружените албански структури беа клучен инструмент во прекројувањето на безбедносната архитектура на регионот. Косовската ОВК и македонската ОНА имаа своја историска улога во конфликтите од крајот на минатиот и почетокот на овој век. Но геополитиката нема трајни сојузништва – има трајни интереси. Кога интересот се менува, се менува и односот кон старите сојузници.
Најсилниот сигнал за тоа НЕ доаѓа од политичките говорници во Скопје, туку од Хаг.
Пред специјализираните совети на Косово во Хаг веќе неколку години трае процесот против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Обвинението ги товари за сериозни воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и убиства, тортура, прогон, незаконско притворање и присилни исчезнувања. Процесот е завршен во доказна смисла, а пресудата е закажана за 16 септември 2026 година. Но, до правосилната одлука, обвиненијата остануваат обвиненија.
Сепак, политичката порака од самиот факт дека луѓе што некогаш беа симболи на вооружените албански паравојски, денес се предмет на судски процес во Хаг е – неспорна. Историјата на албанските паравоени поведенија не може веќе само да се чита низ „романтизираниот мит за ослободителната борба“. Таа сè повеќе се препознава и се чита низ призмата на факти за кривична одговорност за стравотни дела што не застаруваат и низ објективот на владеењето на правото. Токму тука треба да се бара и можната паралела со ДУИ.
Партијата ДУИ е политички наследник на ОНА и речиси четвртина век ги носи товарот и капиталот на таа паравоена историја со сецесионистички тенденции и форми на тортури, па и на егзодус над населението на територии на една суверена држава (Македонија).
Ахмети не е само партиски лидер. Тој е симбол на една епоха во која прогласени терористи преку широк оружен конфликт стекнаа (со помош на меѓународната заедница) политички капитал, а военото лидерство го трансформираа во институционална моќ, повторно со помош на меѓународната заедница, првенствено од тогашен Вашингтон. Но секој политички капитал има рок на траење.
Во ДУИ се случува надворешно контролирана транзиција од една генерација политичари кон друга
Она што денес може да се случува во ДУИ е токму тоа. Далеку од тоа дека таму се случува обична борба за лидерската фотелја, туку, во тек е „надворешно контролирана транзиција од една генерација политичари кон друга“. Од луѓе чии политички биографии се неразделно поврзани со конфликтите од 2001 година кон (помлади) политичари што немаат директен багаж од военото минато. Тоа би објаснило зошто во играта се појавуваат нови лица, но и зошто старите структури толку жестоко се спротивставуваат на нивната афирмација.
Во такво читање, Блерим Река, Бујар Османи или други претставници на новата генерација не се важни само како можни наследници на Ахмети. Тие се важни како потенцијални носители на нов политички производ. Имено, помалку милитантен, помалку етнички конфронтирачки и според новиот Вашингтон, повеќе институционален, „европски и интегративен“. Тоа би бил и одговорот на едно клучно прашање: Зошто на Запад би му била потребна промена во албанскиот политички блок? Затоа што новите геополитички услови бараат нови партнери.
Новиот интерес на Вашингтон
Вашингтон денес има интерес од стабилност, функционални институции, НАТО-консолидација, европска интеграција и ограничување на просторите за нечие друго геополитичко влијание. Во таква матрица, политичарите што политички опстануваат преку постојано отворање етнички фронтови, институционални блокади и националистичка мобилизација стануваат сè помалку корисни.
Не затоа што Вашингтон одеднаш станал „против Албанците“. Туку затоа што неговиот интерес повеќе не е истиот како во времето на воените конфликти. Можеби токму затоа старата формула – национализам плус воено минато плус партиски монопол – полека се заменува со друга формула, како што е млада генерација, институционална политика, евроатлантска интеграција и јасна дистанца од конфликтното минато.
Во таа смисла, денешната ДУИ може да се најде во историски непријатна позиција. Партијата не мора да биде поразена од политичкиот противник за да заврши една епоха. Доволно е да престане да биде неопходна. А токму тоа е можеби најголемата опасност за Ахмети.
Борбата меѓу Груби и Османи е само површината…
Ако досегашната политичка конструкција била создадена за едно време, а времето веќе се сменило, тогаш борбата меѓу Груби и Османи е само површината. Под неа се води многу посериозна битка, односно кој ќе го преземе делот од албанската политичка сцена по Ахмети и, уште поважно, кој ќе биде прифатлив партнер во новата американска и западна геополитичка архитектура на Балканот. Затоа можеби е погрешно да се бара епицентарот на денешните потреси само во Мала Речица. Всушност, Мала Речица е местото каде што земјотресот се чувствува.
Но епицентарот можеби е многу подлабоко. И многу подалеку. Она што изгледа како раскол во ДУИ можеби всушност е процес на политичка декомпозиција на една епоха – епохата на воените команданти претворени во политички лидери. А ако е така, тогаш прашањето не е дали Ахмети ќе го зачува ДУИ онакво какво што го создаде. Прашањето е дали времето во кое такво ДУИ можеше да постои веќе поминало. И ако поминало – кој ќе ја напише следната страница на политиките на македонските Албанци во државава? Одговорот сигурно нема да биде напишан во Мала Речица. П.Р.


































