Фото: МДТ

Размената на искуства и добри практики, како и отворањето нови можности за соработка со Чешка во дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста, биле во фокусот на денешниот семинар „Дигитализација на јавната администрација – размена на искуства и добри практики со Чешката Република“.

Семинарот, организиран од Министерството за дигитална трансформација, со поздравни обраќања го отвориле ресорниот министер Стефан Андоновски и чешкиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Петр Мацинка.

Андоновски истакнал дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку суштинска промена на начинот на кој функционира државата и на кој граѓаните ги остваруваат своите права и ги користат јавните услуги.

– Сакаме државата да биде поедноставна и поблиска до граѓаните и компаниите, со услуги што се достапни, брзи и лесни за користење. Дигитализацијата има смисла само доколку носи реално подобрување во секојдневието – помалку административни чекори, помалку чекање и поголема сигурност и предвидливост – нагласил Андоновски.

Тој посочил дека Министерството работи на развој на дигиталните услуги, подобро поврзување на институциите, унапредување на интероперабилноста и создавање посигурна дигитална инфраструктура.

Според него, знаењето и практичните решенија од Чешка можат значително да придонесат за натамошниот развој на дигиталната трансформација во земјава.

– Денешниот семинар го гледам како многу повеќе од презентација на две различни искуства. Тој е можност да започнеме нова, поконкретна и подлабока соработка меѓу Македонија и Чешката Република во областа на дигиталната трансформација – истакнал министерот.

Посебен акцент бил ставен на сајбер-безбедноста како неопходен дел од процесот на дигитализација.

– Колку повеќе услуги и процеси се дигитализираат, толку поважно е граѓаните да имаат доверба дека нивните податоци се безбедни и дека државните системи се отпорни. Затоа дигитализацијата и сајбер-безбедноста мора да одат рака под рака – порачал Андоновски.

Претставниците на чешката делегација ги презентирале искуствата и успешните практики во дигитализацијата на јавната администрација. На семинарот биле разгледани и можностите за воспоставување партнерства и реализација на заеднички иницијативи и проекти, вклучително и во областа на сајбер-безбедноста.