ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ 20. МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ „ТАРАНТО 2026“

  • За Македонија ова ќе биде четврто учество, а досега има освоено 14 медали. На МИ 2026 ќе настапат 26 земји во рекорден број спортови,
    спортистите ќе бидат сместени на два крузера наместо во олимписко село…

Медитеранските игри (МИ) се меѓународен мултиспортски настан што се одржува секои четири години, а годинашното издание официјално треба да почне денеска, во Таранто (Италија), иако уште вчера имаше натпревари во одбојка. Игрите првично требаше да се одржат од 13 до 23 јуни, но беа поместени за да се избегне шпицот на летото, како и да не се судрат со други големи спортски настани, како Светското првенство во фудбал, што би им овозможило на повеќе спортисти на високо ниво да учествуваат.
Во Таранто ќе биде присутна и македонската делегација од 130 члена, а ќе настапат 90 спортисти во 19 спорта, атлетика, бадминтон, бокс, борење во слободен стил, велосипедизам, карате, коњички спортови, мечување, пливање, ритмичка гимнастика, спортско стрелаштво, таеквондо, тенис, триатлон, џудо, ракомет, одбојка, баскет и фудбал. Меѓу поискусните имиња се олимпискиот вицешампион во таеквондо Дејан Георгиевски и олимпијката во истиот спорт Милијана Рељиќ, маратонецот Дарио Ивановски, борачите Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров, стрелачката Анастасија Мојсовска, пливачот Никола Ѓуретановиќ, во коњичкиот спорт е Лука Заложник… Македонското знаме веќе гордо се вее во Таранто, како симбол на македонските спортисти. Таранто пречека дел од нашите спортисти, а вчера одбојкарките први настапија на МИ 2026, на мечот со Турција. За Македонија ова ќе биде четврто учество, а досега освои 14 медали (три златни, два сребрени и девет бронзени), сите во индивидуални спортови.

Манифестацијата, која почна пред 75 години, продолжува да ја исполнува својата првична идеја, преку спортот да се создаде простор каде што различните јазици, култури и традиции не се пречка, туку дел од заедничката медитеранска приказна. Организацискиот комитет (ОК) на МИ 2026 одлучи да не гради постојано село на спортисти, туку наместо тоа спортистите да бидат сместени на крузерите „Ароја“ и „Романтика“ закотвени во поморската станица Мар Гранде. Признаени од Интернационалниот олимписки комитет во 1952 година, МИ се мултидисциплинарен спортски настан отворен за земјите од Медитеранскиот Басен. Натпреварувањето е инспирирано од Олимписките Игри и има цел да ги промовира спортот и соработката меѓу народите од Медитеранот. Италија има освоено најмногу медали во историјата на Игрите. Првите МИ се одржаа во Александрија во 1951 година. Досега МИ по трипати се одржале во Италија (сега и по четврти пат) и во Шпанија, а по двапати во Тунис и во Алжир. Најмногу пати вкупен победник според бројот на медали е Италија (14), вкупно најмногу спортисти (4.541) настапиле во Тарагона, а најмногу спортови биле на програмата во Мерсин (32). Во Таранто ќе настапат 3.854 спортисти од 26 земи во 33 спорта. Г.И.