Најголем број коментари објавени во некој портал против Македонската православна црква – Охридска архиепископија сигурно ќе најдете на порталот религија.мк во сопственост на Марјанчо Николовски, новинар во ТВ Сител, небаре дежурен „манијак“ на рускиот свет во Македонија. Опседнат е да ровари против МПЦ-ОА, обвинувајќи ја дека е во рускиот свет под влијание на Руската православна црква, па дури и дека македонски митрополити се соработници на руските служби, повикувајќи се, без никаква пресуда и докази, само на изјавата на поранешниот претседател Стево Пендаровски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма со Снежана Лупевска од 17 април 2024 година дека „најмалку тројца епископи во Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква соработуваат со руските служби“!
За волја на вистината, Русија е под влијание на македонскиот свет, а не обратно! Покрстувањето и описменувањето на рускиот народ доаѓа од Охрид, од Македонија, од македонските епископи… Но тоа е далечна лекција за Марјанчо Николовски и неговите „ментори“ и „следбеници“.
Притоа, Марјанчо Николовски секогаш е „информиран“, како што вели, од „добро упатени дипломатски извори, кои веќе подолго време ги следат односите на МПЦ-ОА и преостанатите помесни православни цркви“. Се разбира, не ги кажува тие „дипломатски извори“, го штити изворот на „информациите“. Нејсе, во светот денес тешко се кријат тајни.
Кога Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го кани да се информира за црковните работи пред да објавува коментари за нив, Марјанчо Николовски се повикува на слободата на говорот загарантирана со Уставот. Ама, ако некој верник во МПЦ-ОА се брани од него, поради повреда на верските чувства, бидејќи Марјанчо Николовски честопати неосновано ја обвинува на МПЦ-ОА, веднаш поднесува приватни граѓански тужби затоа што се чувствувал навреден и психички вознемирен, без лекарско уверение преку судот бара пари за отштета.
За жал, дежурниот „манијак“ на рускиот свет во Македонија, продолжува да ја „тероризира“ МПЦ-ОА, грубо мешајќи се во нејзините внатрешните работи! Мислејќи на манија како опсесија, а манијак на човек со нешто опседнат. Марјанчо Николовски е опседнат со рускиот свет, српскиот свет и МПЦ-ОА.
Со последниот коментар на неговиот портал религија.мк од 16 август 2026 година, со наслов „Дали викарниот епископ на Вартоломеј се разболе, или не му беше дозволено да служи во МПЦ-ОА?“, Марјанчо Николовски пак си најде тема „од добро упатени дипломатски извори, кои веќе подолго време ги следат односите на МПЦ-ОА и преостанатите помесни православни цркви“ како што самиот вели, за да ја обвини МПЦ-ОА дека не му дозволила на г. Епифаниј, викарен епископ ексамилиски на грко-православниот патријарх на Истанбул г.г. Вартоломеј, да учествува во литургијата и во сеноќното бдение во Бигорскиот манастир на 6 јули 2026 година.
Главната причина, според Марјанчо Николовски, била таа што г. Епифаниј бил хиротонисан за епископ во „Православната црква на Украина“, формирана со томос од грко-православната патријаршија на Истанбул на 5 јануари 2019 година. МПЦ-ОА нема канонско сослужение, односно не е во евхаристиска заедница со „Православната црква на Украина“. Вартоломеј ја „формира“ „Православната црква на Украина“ возглавена од митрополитот Епифаниј, за да се уништи „Украинската православна црква – Киевска патријаршија“ под јурисдикција на Руската православна црква, денес со закон на Володомир Зеленски забранета: Ѝ се одземаат црквите и манастирите, ѝ се затвораат епископите, монасите и свештениците… А токму тоа е еден од трите услови на грко-православната патријаршија на Истанбул за втор томос за автокефалност на МПЦ-ОА, покрај томосот за автокефалност од Српската православна црква од 5 јуни 2022 година. Иако, Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА на 28 март 2023 година одлучи да не сослужува со јерархијата на „Православната црква на Украина до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието“. И тогаш Марјанчо Николовски, на неговата веб-страница религија.мк, се огласи со коментар под наслов „МПЦ-ОА и на дело почна да спроведува руска агенда!“
Марјанчо Николовски вели: „Нашите дипломатски извори од кругот на стратешките партнери на државата откриваат дека тоа се случило само неколку дена пред Епифаниј да дојде во Македонија, и тоа по реакција на Руската црква, чин што повторно укажува на големото руско влијание врз МПЦ-ОА“.
Иако и самиот Марјанчо Николовски во коментарот вели дека „иако неговото доаѓање (на епископот г. Епифаниј – м.з.) беше најавено за 6 јули, каде што вечерта требаше да го предводи сеноќното бдение во Бигорскиот манастир, за манастирската слава, а следниот ден, на 7 јули, беше најавена и света архијерејска литургија, предводена од митрополитот дебарско-кичевски Георгиј, а на која требаше да сослужува Епифаниј, тоа не се случи“.
Марјанчо Николовски не верува ниту во соопштението на Бигорскиот манастир за настанот (прашање колку е искрено тоа соопштение): „Со искрено жалење беше примена веста дека, и покрај претходната најава и нашата радосна надеж за неговото присуство, преосвештениот епископ ексамилиски г. Епифаниј не беше во можност да допатува, поради непредвидени здравствени причини“. И затоа, Марјанчо Николовски прашува „Дали викарниот епископ на Вартоломеј се разболе, или не му беше дозволено да служи во МПЦ-ОА?“
Наводно, со ваквото однесување на високиот клир на МПЦ-ОА сериозно бил навреден грко-православниот патријарх на Истанбул г.г. Вартоломеј, за кого Марјанчо Николовски и Бигорската обител се премногу „загрижени“.
Антируската реторика на Марјанчо Николовски продолжува и во интервју за информативно-политичката емисија „360 степени“ во копродукција со МРТ на 15 август 2026 година, во кое вели: „Од почетокот на војната во Украина до денес, со поглаварот на Руската православна црква имаат сослужувано три цркви – тоа се Бугарската, односно нејзин свештеник, српскиот патријарх и владиката Петар од МПЦ. Ниту една друга помесна православна црква нема сослужувано со поглаварот на Руската православна црква. Затоа што огромниот процент на клирици и цркви на православниот свет сметаат дека Руската православна црква е продолжена рака на воената агресија во Украина. Така што, тоа е само еден од аспектите што укажуваат дека МПЦ се движи во блокот на рускиот свет. Засега таму се Бугарската црква и Српската православна црква. И уште една работа, последните неколку години, особено последната година, нашите стратешки партнери, мислам на државните стратешки партнери – Соединетите Американски Држави пред сѐ и Европската Унија, нивниот интерес веќе не е кон МПЦ во тоа дали таа има проруски позиции, тие имаат зацементирано дека е со проруски позиции, туку нивниот сегашен интерес е како таа политика на МПЦ може да се одразува во општеството понатаму“.
А да напише Марјанчо Николовски коментар на чија страна била грко-православната патријаршија на Истанбул за време на грчкото востание на Пелопонез во 1821 година: На страната на султанот или на страната на грчкото востание? И зошто грко-православниот патријарх на Истанбул, Григориј Петти на 22 април 1821 година, на Велигден, бил обесен на портата на црквата „Свети Ѓорѓи“ на Фанарот?
Што бара грко-православната патријаршија на Истанбул за да издаде нов томос за автокефалност на МПЦ-ОА, бидејќи г.г. Вартоломеј не го признава томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од Српската православна црква: (1) Промена на името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и титулата на нејзиниот поглавар архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, без придавката македонска или друга изведенка од именката Македонија – ерга омнес и за внатрешна и за надворешна употреба; (2) Бришење на канонското наследство на Македонската православна црква врз славната и древна „Охридска архиепископија“ (Αρχιεπισκοπή Αχριδών) со ново име „Црква на Охрид“ (Αρχιεπισκοπή Αχρίδος) со јурисдикција само во границите на „Северна Македонија“ што претставува суштинска разлика, бидејќи го брише канонското наследство на Македонската православна црква врз Охридската архиепископија/патријаршија и Јустинијана Прима; (3) Одземање на јурисдикцијата врз македонските православни епархии надвор од границите на државата Македонија во светот; и (4) сослужение на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со новокомпонираната неканонска „Православна црква на Украина“ возглавена од митрополитот г. Епифаниј, а формирана со томос од грко-православната патријаршија на Истанбул од 5 јануари 2019 година, со цел Руската православна црква – Московска патријаршија и Српската православна црква – Пеќска патријаршија да ги прекинат односите со Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прима и да ги повлечат томосот и сослужението, за да може грко-православната патријаршија на Истанбул да издаде нов томос со бришење на името, статусот, достоинството и јурисдикцијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија – ерга омнес! Овие барања се далеку од верата, а во функција на антимакедонскиот грчки расизам и нацифашизам.
Е, овие ултимативни барања на грко-православната патријаршија на Истанбул ретко се среќаваат во коментарите на Марјанчо Николовски, очигледно тој е за грчкиот свет, ама затоа, дежурна тема и опсесија му се рускиот свет, српскиот свет и зошто МПЦ-ОА не ги прифаќа ултиматумите на г.г. Вартоломеј?! Прифаќањето на грчките услови за името, статусот, достоинството и јурисдикцијата на МПЦ-ОА ќе донесат катастрофални последици по МПЦ-ОА и државноста на Македонија, бидејќи по спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, само МПЦ-ОА остана со името Македонска, сѐ друго, булументата на Зоран Заев избриша и исшмиргла!
Но во сета оваа папазјанија нешто смрди, не е како што треба. Манастирите не се црква за себе, тие се дел од едната Црква, манастирските братства и сестринства во Македонија мора да ги почитуваат одлуките на САС на МПЦ-ОА бидејќи се под нејзина јурисдикција. Не може секој манастир да води посебна црковна политика во спротивност од одлуките на САС на МПЦ-ОА. Ги знаеме врските на Бигорскиот манастир со грко-православниот патријарх на Истанбул, јавноста премногу изнаслуша за „послушанието“ на бигорскиот игумен. Бигорскиот манастир сигурно ја знае одлуката на САС на МПЦ-ОА спрема неканонската „Православна црква на Украина“ од 28 март 2023 година – да не сослужува со јерархијата на „Православната црква на Украина до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието“. Бигорската обител и игуменот Партениј знаеле дека г. Епифаниј, викарен епископ на г.г. Вартоломеј со кого најавиле сослужение на 6 јули, е хиротонисан токму во неканонската „Православна црква на Украина“. Прашањето е кој го поканил епископот Епифаниј во Македонија и со чиј благослов?
Биографијата на викарниот епископ Епифаниј ја опишува и Марјанчо Николовски, за да дојде до заклучокот, што некој претходно добро го смислил: „Иако тој е ракоположен во црква со која МПЦ-ОА нема спорен однос (Црквата на Грција), сепак за МПЦ-ОА спорна била неговата хиротонија за епископ, бидејќи е направена во ПЦУ (Православната црква на Украина, м.з.), црква со која МПЦ-ОА не сослужува“. Но токму во тој дел нашите извори велат дека требало да се случи чекор напред во односите со Вселенската патријаршија и надминување на едно од отворените прашања. Сослужувањето на Епифаниј со Георгиј и Партениј, Вселенската патријаршија би го толкувала и како премостување на проблемот со ПЦУ, односно тоа би бил голем чекор во односите МПЦ-ОА-Вселенска патријаршија-ПЦУ. МПЦ-ОА би признала на еден начин хиротонија од ПЦУ, а со тоа и индиректно сослужување, иако формално Епифаниј сега е клирик на Вселенската патријаршија, што за Фанар, за почеток, би било доволно за симнување на ПЦУ од дневниот ред во односите со МПЦ-ОА. Од друга страна, пак, информациите од МПЦ-ОА велат дека ако тоа навистина би било така, тогаш со тој план на Фанар би требало да биде запознаена и МПЦ-ОА претходно и сето тоа да се одвива во некаков меѓусебен однос, нешто што не било случај, и повторно потенцираат дека недоаѓањето на Епифаниј во Македонија е резултат на здравствени причини“.
Ако МПЦ-ОА не била претходно запознаена за сослужението на епископот Епифаниј во Бигорскиот манастир, тогаш основано се поставува прашањето кој без благослов на САС на МПЦ-ОА го поканил викарниот епископ на г.г. Вартоломеј (хиротонисан во Православната црква на Украина) на бдение и сослужение во Бигорскиот манастир, возглавен од игуменот Партениј? Информативно, Вартоломеј издаде томос за формирање нова „Православна црква на Украина“, ама ѝ ги одзеде епархиите во светот и ги стави под своја јурисдикција. А канонската јурисдикција не значи само духовно поглаварство, туку пред сѐ и над сѐ право на сопственост врз црквите и манастирите и имотите на Православната црква на Украина надвор од границите на Украина. Лесно беше обезбедена согласноста од актуелната власт на Украина на чело со Володомир Зеленски за нова црква во Украина, за да се започне со постапка за дерегистрација на Украинската православна Црква – Киевска патријаршија возглавена од митрополитот Онуфриј под јурисдикција на Руската православна црква.
Не е за чудо, Партениј од Бигорскиот манастир самостојно да го организирал сослужението со викарниот епископ Епифаниј, за на мала врата Вартоломеј да го протне прашањето на ПЦУ во МПЦ-ОА преку Бигорскиот манастир, но кога за тоа дознале од САС на МПЦ-ОА веројатно ја потврдиле поканата ама „не му дозволиле да учествува во литургијата и во сеноќното бдение, туку понудиле опција тој само молитвено да присуствува на настаните со сите почести, без право да служи, бидејќи главната причина била што епископот Епифаниј бил хиротонисан за епископ во Православната црква на Украина“. Можно е самиот Партениј да аранжирал „недоаѓање поради здравствени причини“ за да не се посрамоти и тој самиот пред г.г. Вартоломеј. Е па, не е семоќен Партениј!
Имајќи предвид како протече изборот на г. Георгиј за митрополит дебарско-кичевски, на местото на упокоениот митрополит Тимотеј, и амбициите на бигорскиот игумен Партениј, не изненадува „послушанието“ на Партениј, да презема на своја рака дејанија спротивни на одлуките на САС на МПЦ-ОА. Впрочем, во Бигорскиот манастир е и јеромонахот Кирил, произведен во „архимандрит на вселенскиот престол“ со одлука на г.г. Вартоломеј на 9 април 2023 година на островот Имврос во Турција. Бигорскиот јеромонах Кирил е дежурна ѕвезда на бугарските портали со неговите изјави дека Македонците се Бугари, а Македонската е бугарска црква…
Уште посомнително е, зошто за настан од 6 јули 2026 година се објавува вест на порталот религија.мк дури на 16 август 2026 година, по 40 дена? Вакви подметнувања во МПЦ-ОА со епископот ексамилиски Епифаниј на 6 јули 2026 година, кој е викарен епископ на грко-православниот патријарх на Истанбул г.г. Вартоломеј, претставуваат канонски престапи што завршуваат пред Архиепископски црковен суд. Толеранцијата заради мир в куќи само ги потхранува апетитите – канонските престапи да се повторуваат и зголемуваат. Прости им Боже не знаат што прават, во случајов кај нас е: Боже знаат што прават… И ништо не е случајно…
Инаку, епископот ексамилиски Епифаниј е викарен епископ на истанбулскиот патријарх Вартоломеј од мај 2026 година. Поточно, Синодот на грко-православната патријаршија на Истанбул на 26 и 27 мај 2026 година, го избрал Епифаниј за епископ на Ексамилиј, викарен епископ при вселенскиот патријарх, откако го разгледал канонското отпусно писмо што го испратила Православната црква на Украина, каде што тој во мај 2019 година бил избран и хиротонисан за епископ олвиски, со задача особено да се грижи за грчкојазичните православни верници во Украина. Во хиротонијата во 2019 година учествувале и митрополитите Емануил Халкедонски и Амфилохиј Адрианополски од грко-православната патријаршија на Истанбул (која за себе се смета за Вселенска патријаршија, а нејзиниот поглавар за источен папа), кои заедно со поглаварот на ПЦУ, митрополитот Епифаниј, го хиротонисале за епископ на ПЦУ. Епископот Епифаниј (истоименик со поглаварот на ПЦУ митрополитот Епифаниј), во ПЦУ ќе остане сѐ до 26 мај, откако на 11 мај 2026 година, ќе поднесе оставка од функцијата во ПЦУ и со канонско отпусно писмо ќе побара да премине во јурисдикцијата на грко-православната патријаршија на Истанбул. Но епископот Епифаниј практично доаѓа од Црквата на Грција, поврзан со Митрополијата Димитријада и Алмирос на Црквата на Грција, каде што ги добил свештеничкиот, монашкиот и архимандритскиот чин уште во деведесеттите години.
И дај бре, Марјанчо Николовски, престани да се мешаш во внатрешните работи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија! Правиш катастрофални грешки и штети на македонското црковно прашање, ги повредуваш и навредуваш верниците во Македонската православна црква – Охридска архиепископија! Македонските владици се независни и нема да дозволат да бидат искористени како алатка за остварување на грчките и американските политички и црковни планови во Македонија! Впрочем, само грко-православната патријаршија на Истанбул им доделува признанија за човекови права и верски слободи на поранешни директори на ЦИА…
Тодор Петров


































