Фото: ЕПА

Масовната миграција претставува една од најголемите закани за внатрешната безбедност на државите, оцени денеска чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка, нагласувајќи дека Чешка и Македонија имаат сличен пристап кон миграцискиот предизвик.

На заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид, Мацинка рече дека миграцијата е предизвик што ја засега цела Европа и оти е потребна координација меѓу државите.

 – Ние гледаме исто на тоа дека проблематиката на масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја. Тоа не е нешто природно и драго ми е што Македонија во суштина пристапува кон ова прашање на сличен начин – изјави Мацинка.

Тој посочи дека Македонија е меѓу земјите кои се директно погодени или би можеле да бидат погодени од миграциските текови, поради што, како што рече, е неопходна меѓусебна соработка.

 – Затоа е потребно да се познаваме меѓусебно и да соработуваме бидејќи тоа не е само прашање на Македонија, туку е прашање и на цела Европа, а со тоа и на Чешката Република – нагласи чешкиот министер.

Мацинка информираше дека чешки полицајци и други службеници веќе учествуваат во активности поврзани со справувањето со миграциските текови во регионот.

Според него, присуството и ангажманот на чешките службеници претставуваат дел од пошироката соработка меѓу двете земји и напорите за справување со миграцискиот предизвик.

Чешкиот министер порача дека миграцијата не може да се третира само како прашање на поединечни држави, туку како заеднички европски безбедносен предизвик кој бара координиран одговор и соработка меѓу земјите.