Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, најави дека заменик-претседателот и министер за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка, утре ќе престојува во официјална посета на Македонија.
На денешната прес-конференција, Муцунски информираше дека со својот чешки колега ќе разговара за унапредување на билатералните односи, европската перспектива на земјата, економската соработка, како и за актуелните регионални и меѓународни прашања.
Мацинка ќе биде еден од говорниците на Амбасадорскиот совет, кој ќе се одржи в четврток и в петок во Скопје, со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.
Муцунски потсети дека ова ќе биде првиот Амбасадорски совет што ќе се одржи во земјава по 2019 година, со физичко присуство на амбасадорите и генералните конзули.
– По повеќе години, нашата дипломатска мрежа повторно ја собираме на едно место за директна, суштинска и стратешка координација – изјави Муцунски.
Тој нагласи дека на советот ќе се разговара за европската и евро-атлантската агенда, геополитичките и безбедносните предизвици, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларните услуги.
Според министерот, дипломатијата мора да биде проактивна и да одговори на предизвиците што ги носат современите меѓународни односи.
– Потребна ни е дипломатија што предвидува, реагира навремено, гради партнерства и одлучно ги штити националните интереси – порача тој.
Европската интеграција, според Муцунски, останува еден од главните стратешки приоритети на државата, а дипломатската мрежа има обврска јасно да ги претставува реформските достигнувања и националните позиции пред европските партнери.
Еден од клучните приоритети на годинешниот совет ќе биде економската дипломатија. Муцунски истакна дека секој амбасадор треба да придонесе за привлекување нови инвестиции, отворање пазари и создавање деловни можности за македонските компании.
Тој најави и разговори за модернизација и дигитализација на конзуларните услуги, како и за унапредување на комуникацијата со дијаспората.
– Нашата цел е секој македонски граѓанин, без разлика каде се наоѓа, да знае дека државата е тука кога му е потребна – истакна Муцунски.
На крајот, тој ги посочи трите главни очекувања од дипломатската мрежа: заштита на националните интереси, отворање нови можности за државата и обезбедување квалитетни услуги за граѓаните.


































