Армијата на Република Македонија денеска одбележува 34 години од формирањето, период во кој, како што посочуваат од Армијата, прерасна во современа и целосно интероперабилна сила во рамките на евроатлантскиот безбедносен систем.
Со учеството во меѓународни мисии, модернизацијата на опремата и исполнувањето на НАТО-стандардите, Армијата ја потврдува својата улога како доверлив сојузник и значаен фактор за регионалната безбедност. Нејзината основна задача останува заштитата на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и граѓаните.
Од Армијата оценуваат дека изминатата година била одбележана со значајни резултати, особено во делот на опремувањето, трансформацијата и развојот на оперативните способности. Воедно, армиските единици продолжија да им даваат поддршка на цивилните институции при кризни состојби и природни непогоди.
Еден од најзначајните успеси е оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“. Единицата беше оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“, со што, според Армијата, е потврдено исполнувањето на строгите НАТО-стандарди.
Во моментов повеќе од 180 припадници на Армијата се ангажирани во меѓународни мисии во Романија, Бугарија, Летонија, Косово, Босна и Херцеговина и Либан, како и во мисијата NSATU на НАТО за безбедносна помош и обука за Украина.
Покрај меѓународните ангажмани, Армијата останува подготвена да помогне и во справувањето со кризни ситуации во земјата. Во текот на летниот период повеќе од 300 припадници се во состојба на готовност за евентуално ангажирање во гаснењето пожари, во координација со надлежните институции.
Забрзана модернизација
Армијата се наоѓа во еден од најинтензивните циклуси на модернизација од своето формирање. Во употреба се новите оклопни возила „Страјкер“ и „JLTV“, кои треба да ја подобрат мобилноста, заштитата и борбената ефикасност на единиците. Во употреба е ставен и артилерискиот систем „Боран“, додека дел од противвоздушниот систем „Мистрал 3“ веќе е испорачан.
За модернизација и опремување во 2026 година се издвоени 116 милиони евра, односно 32,5 проценти од вкупниот одбранбен буџет. Тоа е повеќе од минатогодишната сума и е над НАТО-стандардот од најмалку 20 проценти од одбранбениот буџет наменети за модернизација и опремување.
Во тек се и повеќе проекти со стратешкиот партнер САД, меѓу кои и набавката на противтенковски системи „Џавелин“, чија испорака е предвидена за 2027 и 2028 година. Во плановите се и воведување беспилотни системи и современи технологии за набљудување и заштита.
Дополнителна поддршка Армијата добива преку Европскиот мировен фонд. Договорени се три пакети помош во вредност од 38 милиони евра, како и дополнителни два милиони евра за Балканските медицински наменски сили. Опремата опфаќа радари, термални камери, инженерска механизација, транспортни и санитетски возила, генератори, информатичка и медицинска опрема, беспилотни летала, системи против дронови и командно-контролни системи.
Паралелно се инвестира и во армиската инфраструктура. За 2026 и 2027 година се планирани над 12 милиони евра за градежни зафати во касарните низ државата. Досега се реализирани околу 20 проекти во вредност од над 3,1 милион евра, а дополнителни проекти се реализираат во касарните „Илинден“, „Гоце Делчев“, Штип, Велес, Прилеп и на полигонот „Криволак“.
Нови предизвици – дронови и сајбер напади
Покрај модернизацијата на воената опрема, Армијата се соочува и со нови безбедносни предизвици. Беспилотните летала, хибридните закани и сајбер нападите сè повеќе влијаат врз начинот на кој се планира современата одбрана.
Одбранбените институции работат на развој на способности за заштита од беспилотни летала, а формирани се и работни групи кои треба да ги утврдат идните потреби во оваа област.
Во делот на сајбер-безбедноста, Министерството за одбрана и Армијата развиваат интегриран систем за сајбер-одбрана. Формиран е и Сајбер оперативен центар во чиј состав функционира Воен тим за одговор на сајбер-инциденти.
Целта е армиските комуникациски и информатички системи да останат заштитени и функционални во мир, но и во услови на криза или вооружен конфликт.
Со 34-годишнината Армијата ја истакнува својата определба за натамошно јакнење на способностите, модернизација и исполнување на НАТО-стандардите, но и за поддршка на граѓаните и цивилните институции во услови на криза.


































