ШАХ
- Според мене, камповите треба да бидат неизоставен дел од тренажниот процес, бидејќи се можеби и најважниот сегмент во целата низа и овозможуваат анализа и евентуални корекции пред настапите што следуваат, вели ВМ Влатко Богдановски
Како подготовка за Екипните првенства на Македонија во машка и женска конкуренција во шах, ШК Алкалоид од 6 до 9 август организираше камп за младите шахисти од составот на ШК Мулти Есенс. Истовремено, со акцент на развојот на женскиот шах, се работеше и со шахистките што ги бранат боите на „фармацевтите“ на државните првенства. Стручните подготовки ги водеа тројцата велемајстори на ШК Алкалоид: Трајко Недев, Драган Јаќимовиќ и Влатко Богдановски.
ВМ Влатко Богдановски го сумираше значењето на кампот како еден од најважните сегменти во тренажниот процес.
– Програмата за работа беше интензивна и згусната, па освен рекапитулација на материјалот што се работеше во текот на годината на редовните тренинзи, беа опфатени и нови теми, нови правци за работа и надградба, преку анализа на поинакви задачи и тестирања. Круна на подготовките беа и конкретните подготовки за потенцијалните противници. Според мене, камповите треба да бидат неизоставен дел од тренажниот процес, бидејќи се можеби и најважниот сегмент во целата низа и овозможуваат анализа и евентуални корекции пред настапите што следуваат. Секој шахист треба самостојно да работи со својот тренер, но на кампот да учествува во заедничката работа, групните анализи, вежбите и тематските спаринг-партии – објаснува ВМ Богдановски.
Клубот во текот на годината организираше и кампови за најмладите шахисти, во пресрет на јуниорските првенства. Сега сениорските екипи ќе настапат на државните екипни првенства во Струга, каде што минатата година во машка конкуренција беше постигнат максимален резултат со освојувањето на првото и второто место (ШК Алкалоид и ШК Мулти Есенс), како и со враќањето на шампионската титула во женска конкуренција, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.


































