Читаме лектира за вас: „Детството на Конески“ од Мишо Китаноски
- За македонскиот и светски истакнат писател, поет, прозаист, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист, преведувач, академикот Блаже Конески (1921-1993), кој ги удри темелите на македонистиката, треба да се истакне и фактот дека беше и голем љубител на шаховската игра. Истакнатиот македонски велемајстор Димитар Илиевски, во еден напис за „Нова Македонија“, раскажува дека Конески додека живеел во Прилеп често играл шах со некој бербер, а подоцна најчест противник му бил истакнатиот лингвист Трајко Стаматовски. На основачкото собрание на тогашниот Шаховски сојуз на Македонија (ШСМ), кое се одржало во Скопје, на 19 август 1948 година, Блаже Конески со акламација бил избран за прв претседател. Непосредно пред овој значаен датум, на страниците на „Колибри“ го објавуваме расказот „Научив да играм шах“ од книгата „Детството на Конески“, која од годинава е лектира за деветтоодделенците. Па, ова нека биде мотив да ја прочитате целата книга, а можеби и да научите да играте шах
Во Прилеп меѓу двете светски војни, имало развиена чаршија со многубројни дуќани во кои се продавале секакви производи (најмногу масло, газија, сол и шеќер). Исто така и многу занаетчиски дуќани: потковувачи на добиток, производители на јажиња и ортоми, казанџии, бозаџии и шеќерџии, кондураџии, шивачи, кафеанџии… Имало и десетина, а можеби и повеќе берберници.
Кога семејството на Јордан, заедно со баба му и со мајка му и синот Блаже се преселиле од Небрегово во Прилеп, настанале нови моменти од животот кај секого од нив. Татко Јордан почнал да работи како писар, а Блаже Конески го доживеал преселувањето малку необично, во прво време излегувал ретко од дома, и тоа само на улицата пред нивната куќа, но, кога почнал да оди на училиште сѐ се променило во неговиот детски живот. Како најдобар ученик во одделението, тој брзо стекнува многу другарчиња, кои сакаа да се дружат со него и постојано го викаа да си игра.
Еден ден, татко Јордан му рече на Блаже:
– Ајде да појдеме да се потшишаш во берберницата на мајстор Туте.
Блаже радосно прифати и веднаш се упатија во неговата берберница, што се наоѓаше во средината на чаршијата. Во тоа време во берберниците, како по некое непишано правило, имаа по еден или два комплета шах гарнитури, гитара или тамбура и задолжително дневен весник за муштериите додека чекаат ред да читаат… Гитарата и тамбурата се користеле кога калфите и чираците немале муштерии да му помагаат на мајсторот, па свиреле и пееле. А некои, пак, додека чекале на ред за бричење, шишање или потшишување играле меѓу себе шах…
Кога Јордан и синот Блаже дошле пред берберницата, гледајќи го потпрен на прозорецот берберот, со повишен глас му викнал:
– Мајстор Туте, со синот Блаже дојдов за две работи кај тебе: прво убаво да го потшишаш третоодделенецов, а втората е да го научиш да игра шах. Се разбира кога нема да имаш работа со муштерии.
А берберот Туте, радосно рече:
– Нема збор господине Јордане и двете работи со задоволство веднаш ќе ги исполнам, зашто сме стари пријатели.
И уште додаде:
– Се разбира, ако син ти Блаже сака да научи да игра шах…
Сето ова со внимание го слушаше Блаже и се израдува… Седна на столот и берберот Туте полека ја заврши својата работа, го потпиша, потоа со малото метличе му ги истресе влакната од косата на вратот и со тивок глас му рече на Блаже:
– Внучко немам сега засега нов муштерија, може да ти покажам како се игра шах.
Ова Блаже како да го очекуваше, веднаш прифати и радосно му врати:
– Тоа уште повеќе ме интересира! Ќе можам ли навистина да научам да играм шах!
На прашањата од Блаже, берберот Туте, врати:
– Их, нема да научиш, сине ќе научиш дури поубаво од мене!
И стариот мајстор ја отвори таблата шах и ги нареди белите и црните фигури и пополека почна да му кажува на Блаже која фигура што значи и како се движи на таблата шах. Тоа особено со внимание го гледал и слушал Блаже, а секој негов збор и повлекување на фигурата ја впиваше во себе. Мајстор Туте сето тоа полека го повтори неколкупати, а потоа на Блаже, му нареди:
– Внуче, имаш бели фигури, ајде направи го првиот потег. Почни да играш.
Блаже повлече еден, два, потоа и три потега и така почна шаховската играта меѓу нив двајца. Истото тоа се повтори неколкупати, а кога во дуќанот влезе нов муштерија, Туте на Блаже му дофрли:
– За денес е доволно синко, ти веднаш научи како се игра шах. Браво, од тебе ќе биде добар шахист.
И додека човекот седнуваше на столот за да го избричи берберот Туте, Блаже ги собра фигурите и ги стави во шах таблата, а потоа излета како ветер од берберницата. Од радост и од среќа трчаше кон дома и уште од врата со милозвучен глас викна:
– Тато, мамо и дедо, научив да играм шах… Урааа, урааа, научив да играм шах.
Оттогаш Блаже многу често се навраќаше во берберницата на мајстор Туте и, кога тој немаше муштерии, почнуваа двајцата да играат шах. Тоа го натера при една средба берберот Туте да му каже на таткото Јордан:
– Твојот син Блаже, толку брзо научи да игра шах, што наскоро ќе може секого да го победи.
Зборовите што ги слушна татко Јордан, многу го израдуваа, а потоа му се заблагодари на Туте, велејќи му дека тој ја има најголемата заслуга за тоа, лично тој, берберот Туте.
Но што се случи набрзо. Еден ден со трчање Блаже се појави задишан во дворот, радосно викајќи:
– Мамо, тато и бабо, денес дури трипати го победив мајстор Туте, мојот учител.
Мајката кога го слушна тоа од Блаже, силно го прегрна, а татко Јордан го погали и го бакна во косата, додавајќи:
– Сине мој, победнику. Радоста на тато, мој победник. Само така… Продолжи…
Мишо Китаноски



































