Сите градежни интервенции во објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“ во Кочани биле изведени незаконски, без проектна документација, стручен надзор и без одобрение од надлежните институции. Ова на денешното рочиште го истакна вештото лице Маријана Лазаревска, презентирајќи ги наодите од градежното вештачење.
Според Лазаревска, промените што биле направени во објектот не можат да се квалификуваат како надградба, доградба или адаптација, туку како реконструкција, за која законски е задолжително спроведување целосна постапка. Во конкретниот случај, таква постапка воопшто не била спроведена.
Таа нагласи дека пренамената на објектот од магацин во угостителски објект значително го зголемила оптоварувањето на конструкцијата и директно влијаела врз безбедноста. Во различни периоди биле поставени челични столбови и греди, изградени биле надворешни скали и настрешница, а внатрешноста претрпела сериозни измени.
Според вештачењето, челичните галерии што постоеле во 2012 година биле отстранети во 2024 година, а на нивно место била оформена бина. Внатрешните столбови биле обложени со гипс-картон, додека поткровјето било изведено со стаклена волна, гипсени плочи и полиуретански сунѓер, материјал што целосно изгорел во пожарот.
Лазаревска посочи дека единствениот документ што наликувал на проект бил изработен од компанијата „ВЕНЦИ“ ДООЕЛ од Кочани. Документот ја обработувал промената на намената на објектот во кабаре, но не ги содржел законски пропишаните фази, не бил доставен до Општината и ниту една од предвидените мерки не била реализирана.
И покрај тоа, документот бил користен во постапки пред две институции – Државниот пазарен инспекторат во 2012 година и СВР Штип при издавањето согласност.
На прашање на обвинителството дали во документацијата постои податок за вградување полиуретански сунѓер, вештото лице одговори дека таков материјал не е наведен во ниту еден документ што бил предмет на анализа.
Дополнително, геодетскиот елаборат изработен на 16 март 2025 година покажал дека габаритот на објектот не се менувал низ годините и дека неговата површина постојано изнесувала околу 472 квадратни метри.
Според Лазаревска, овој податок е особено важен затоа што објектот никогаш немал површина помала од 300 квадратни метри, што е клучен критериум за категоризација на угостителските објекти.
Таа оцени дека објектот не можел да биде класифициран како кабаре, бидејќи не ги исполнувал законските услови за таа категорија. Начинот на организирање на просторот, просторијата за гости и внатрешното уредување, според неа, упатуваат дека објектот ги имал карактеристиките на диско-клуб.
По завршувањето на рочиштето, Александар Наунов, кој ги претставува семејствата на загинатите, изјави дека новите наоди дополнително ги потврдуваат долгогодишните пропусти и неодговорното постапување.
– Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. Болно е да се слуша сето ова, но ни дава надеж дека вистината конечно излегува на виделина – изјави Наунов.
Тој порача дека семејствата нема да се откажат од барањето за целосно расветлување на случајот и нагласи дека одговорноста мора да биде утврдена.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК, животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

































