Фото: МИА

Министерството за здравство на 20 август ќе го објави епидемиолошкиот извештај за случувањата во Гостивар, најави министерот за здравство Сашо Клековски, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со епидемијата.

Клековски појасни дека во јавноста се шират неточни информации во врска со објавувањето на резултатите од анализите на водата и нагласи дека извештајот ќе ги содржи сите релевантни податоци за епидемијата, како и активностите што ги презеле надлежните институции.

 – Резултатите од испитувањето на водата се сопственост на Јавното комунално претпријатие и на Општина Гостивар. Министерството ќе ги објави резултатите што се однесуваат на периодот од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата – изјави Клековски.

Тој додаде дека анализите на водата се спроведуваат секојдневно и дека нема пречки тие да бидат јавно објавени и од Центарот за јавно здравје и од Јавното комунално претпријатие.

Според министерот, целта е јавноста да добие целосна и транспарентна слика за случувањата, но и да се извлечат поуки што ќе помогнат да се спречат слични ситуации во иднина.

 – Состојбите, особено во Гостивар, се повторуваат. Треба да утврдиме дали проблемот е во водоводниот систем или во реакцијата на институциите, бидејќи одговорноста е поделена меѓу повеќе субјекти – рече Клековски.

Тој најави дека ќе бидат објавени и резултатите од анализите спроведени во претходните години во рамки на националната програма.

Осврнувајќи се на информациите за наводна бактериолошка загаденост на водата во Скопје, Клековски ги отфрли ваквите тврдења и оцени дека станува збор за непотребно ширење паника.

Според него, бактериолошката загаденост на поединечни јавни чешми и бунари во руралните средини не е невообичаена појава и во најголем број случаи постојат јасни предупредувања дека водата не е безбедна за пиење.

Тој апелираше да не се создава непотребен сензационализам, нагласувајќи дека жителите на руралните средини најчесто се добро информирани за тоа кои извори на вода се безбедни за употреба.