Ovci
Фото: Пиксабеј

Турција обезбеди донација од 500.000 дози вакцина против сипаници кај овците, кои се очекува да пристигнат во земјава во наредните денови, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), по денешниот апел на Сојузот на одгледувачи на овци за итно преземање мерки за спречување на ширењето на болеста.

Од Министерството информираат дека до Европската комисија е доставено и барање за обезбедување дополнителни количества вакцини, а повторно е побарана и стручна помош од тимот EUVET.

Пред да бидат ставени во употреба, вакцините ќе бидат подложени на лабораториски проверки за да се потврдат нивната безбедност и чистота. Вакцинацијата ќе започне по добивањето на резултатите, според официјален план и под надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Од МЗШВ предупредуваат дека секое самостојно набавување и користење вакцини без претходна согласност од АХВ ќе биде санкционирано.

 – Сопствениците кои ќе вакцинираат без одобрение нема да имаат право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните што ќе бидат одземени поради спроведување мерки за сузбивање на болеста – наведуваат од Министерството.

Оттаму предупредуваат дека неконтролираната употреба на вакцини може да го отежне следењето на епидемиолошката состојба, да ја намали ефикасноста на мерките и да создаде дополнителни ризици за стадата.

Министерството посочува дека експертската група при АХВ редовно ја следи состојбата, додека официјалните ветеринарни служби постапуваат по секоја пријава за сомнителен случај. По лабораториска потврда на вирусот, се активираат мерките за контрола, кои вклучуваат и евтаназија на заразените животни и нивно безбедно отстранување.

Во меѓувреме, одгледувачите на овци повторно побараа итна вакцинација и повисоко обесштетување, предупредувајќи дека состојбата во секторот станува сè посериозна.