Фото: Сајт на Хрватска противпожарна заедница/

Во големиот пожар што во ноќта меѓу 13 и 14 август го зафати подрачјето на Локва Рогозница и Омиш во Хрватска, целосно изгореа 106 возила, 28 куќи, седум стопански објекти, три угостителски објекти и шест помошни објекти, соопшти сплитско-далматинскиот жупан Блаженко Бобан.

Во пожарот целосно биле уништени и 45 пловила кои претходно биле извлечени на брегот, изјави Бобан за Хина.

Според досегашните проценки, делумно се оштетени уште 43 куќи, 20 возила и девет пловила.

Сè уште не е утврден обемот на штетите врз земјоделските површини, вклучително и маслиновите насади. Бобан информираше дека по доставувањето на извештајот од увидот од страна на Градот Омиш, ќе биде поднесено барање до Штабот за цивилна заштита за прогласување природна непогода.

Тој потсети и дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најавил помош од Владата за санација на оштетените подрачја и објекти, како и за надоместување на претрпените штети.