Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека еден ден пред да се прошират тврдењата за наводно загадена вода во Скопје добиле информација дека опозициски партии ќе се обидат да создадат хистерија преку социјалните мрежи.
Прашан за кои партии станува збор, Мицкоски одговори дека Министерството за внатрешни работи води истрага и дека десетина лица биле повикани на разговор.
Според него, на социјалните мрежи сè почесто се објавуваат невистини без одговорност. Тој ја обвини опозицијата дека претходно ширела неточни информации за населување мигранти, криза со електричната енергија и за пожарите, со цел да создаде страв, револт и хистерија кај граѓаните.
Мицкоски очекува со најавените измени на Кривичниот законик да бидат предвидени санкции за лицата што, како што рече, свесно создаваат немир и страв кај граѓаните.
– За жал, денеска преку социјалните мрежи се испраќаат пораки што претставуваат еден вид хибриден напад и чија цел е да внесат немир, несигурност и револт кај граѓаните. Разбирам дека имаме работа со безидејна и очајна опозиција која се обидува да создаде хистерија и на тој начин да собере политички поени. Ние ќе се бориме со проекти, работа и посветеност – изјави Мицкоски.
Тој рече дека дополнително го загрижува можноста зад ширењето на информациите да стојат и комерцијални интереси, бидејќи во еден ден голем број маркети ги испразниле резервите на флаширана вода.
Во врска со барањата на опозицијата Владата да понесе одговорност за проблемот со водата во Гостивар, Мицкоски рече дека одговорност треба да се бара од градоначалникот и од раководството на јавното претпријатие што управува со водоводот.
Според него, одговорност треба да се бара и од поранешни министри кои со години не презеле мерки, иако постоеле извештаи за незадоволителниот квалитет на водата.
– Нема да слушнете од СДСМ да побара одговорност од градоначалникот, бидејќи е нивен кадар, туку бараат одговорност таму каде што ја нема. Владата направи сè што можеше за состојбата да се нормализира. За помалку од четири недели системот беше целосно прочистен – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата во текот на четири недели обезбедувала по два до три шлепери вода дневно, односно приближно 50 до 60 тони вода за пиење, а по првата недела била обезбедена и техничка вода за жителите на Гостивар.
– Отсега натаму грижата е целосно на јавното претпријатие што ја обезбедува услугата, односно на гостиварскиот водовод – рече Мицкоски.
Тој додаде дека истрагата за водата во Гостивар треба да продолжи сè додека не бидат опфатени сите што имале одговорност и не се утврди кој е виновен за случајот.































