Миењето на овошјето веднаш по купувањето може да го забрза неговото расипување ако не е целосно исушено. Бобинките се најчувствителни бидејќи влагата брзо го поттикнува појавувањето на мувла. Подобро е да се мие само количеството што планирате да го изедете, а остатокот да се чува суво и неизмиено во фрижидер.
Многу луѓе имаат иста, но погрешна, навика, штом ќе купат овошје и ќе го донесат од продавница, го мијат и го ставаат во фрижидер за да трае подолго. Сепак, токму оваа грешка може да предизвика расипување на овошјето. Ова особено важи за боровинките, јагодите, малините и капините, бидејќи влагата што останува на површината на овошјето создава идеални услови за развој на мувла и го скратува времето во кое овошјето ќе остане свежо. Невозможно е целосно да се исушат споменатите бобинки пред да се складираат во фрижидер, па затоа се препорачува да се измие само количеството што ќе го изедете веднаш или ќе го користите за приготвување десерт.
Друга честа грешка е ставањето на свежо измиеното овошје во затворени пластични садови или ќеси. Без доволно воздух, влагата се задржува околу овошјето, а расипувањето може дополнително да се забрза. Овошјето што има потврда кора, како што се јаболката, не треба да се мие веднаш по купувањето, бидејќи ако се измие и се остави влажно, дополнителната влага може да придонесе за побрзо расипување. Во последниве години популарно е мислењето дека овошјето треба да стои долго време во вода или во воден раствор за да се „исчисти добро“, но ни тоа не е најдобра практика. Предолгото потопување може да влијае на текстурата и вкусот, особено кај јагодите и малините, кои можат да станат меки и кашести и да го изгубат својот препознатлив вкус.
Исто така, миењето на овошјето со сода бикарбона или оцет не е потребно за секојдневна употреба. Најважно е добро да го исплакнете овошјето под млаз вода и, кога е потребно, да го исушите пред да го складирате.
































