Лето е, топлината не попушта, а нашите миленици се повлекуваат во најтемните агли на становите и куќите за да се разладат и одморат. Во лето апетитот на кучето често се намалува, што е сосема нормално во овој дел од годината, па кучињата јадат помалку. За да бидете сигурни дека вашето домашно милениче добива доволно храна и хранливи материи во текот на летниот ден, понудете му повеќе од освежување: лесни летни оброци на протеинска база. Следете ги основните пропорции: една третина протеини (црвено или бело месо, сурово или варено, риба, сурова жолчка или варена белка од јајце), една третина варени јаглехидрати, една третина зеленчук (суров, варен или блендиран). Оброците што треба да му се понудат на кучето варираат во зависност од неговата возраст и тежина, но општото правило е 40 грама на килограм од телесната тежина на кучето дневно. Издвојуваме неколку летни рецепти за домашни оброци за кучиња.
1. Салата со свежо козјо сирење
Потребни состојки: козјо сирење, моркови, салата од ендивија, малку мисиркино месо. Исечете го козјото сирење на коцки, згмечете го сварениот морков со виљушка и направете пире, во кое ќе измешате малку оладена сварена ендивија и ќе го додадете меленото мисиркино месо.
2. Летен оброк со зеленчук
Потребни состојки: кафеав ориз, моркови, зелен грав, пашканат, маслиново масло, свежо пилешко месо. Сварете го, исцедете го и изладете го кафеавиот ориз. Сварете го пилешкото батаче, желудникот или црниот дроб, излупете ги морковите, зелениот грав и пашканатот, исечкајте сè, измешајте и зачинете со малку маслиново масло.
3. Риба
Потребни состојки: конзервирана туна или сардини, ориз, тиквички, рендан морков. Извадете ја рибата и пригответе го оризот, исечкајте ги тиквичките и лесно пржете ги во тава со малку растително масло (или сварете ги). Изрендајте ги или исечкајте ги суровите моркови, измешајте ги сите состојки и оладете ги пред сервирање.
4. Мусака за кучиња
Потребни состојки: мелено говедско месо или црвено месо или месо од дивеч, тестенини за кучиња, сладок компир, маслиново масло. Измешајте го свежото мелено месо (говедски стек, срце, црн дроб) со варените тестенини и варениот сладок компир. Додајте маслиново масло, измешајте и послужете му го на кучето.
5. Свинска магија
Потребни состојки: свинско филе, мешан зеленчук, ориз, сурова жолчка од јајце, рибино масло. Измешајте ги свинското филе и мешаниот зеленчук, додајте ги сварениот ориз и суровата жолчка од јајце и прелејте со рибиното масло. Свинското месо можете да го замените со квалитетно бело месо (телешко или живина).
































